Можеби да, можеби не? Се шпекулира дека добропознатата хрватска поп-пејачка и некогашна пејачка на сплитската група „Стијене“, Зорица Конџа, би можела оваа есен повторно да пее на нашиот фестивал „Макфест“ во Штип. Но, тоа, сега-засега, додека трае летото, останува во доменот на шпекулациите. Инаку, Конџа, која има неверојатно моќен вокал, една година победи на „Макфест“, со фантастична балада „А Бог да знае“. Имаше настап и на фестивалот „Охридфест“, исто така поодамна.
Оттогаш ја нема во Македонија, иако самата честопати посакува да ни дојде на концерт!
По двата распродадени концерти во загрепската сала „Лисински“, Зорица Конџа-Зоре прослави пред својата домашна публика 40 години солистичка кариера. Таа со голема носталгија се присетува на оние времиња пред социјалните мрежи и пред Интернетот, кога на турнеите носела два-три фустани, а пеглата ѝ била најважната работа во куферот. Денес, вели таа, во ерата на „Инстаграм“ и на „Јутјуб“, „скапите фустани можеш да ги облечеш само еднаш“, бидејќи фотографиите и снимките веднаш ги преплавуваат медиумите, па со смеа објаснува дека ќе почнат да те жалат, демек немаш пари да си купиш нов невиден фустан.
Масовно следуваат коментари од типот: „Еве ја пак во истото“. – Порано ми се случуваше и четири години да носам иста туника – раскажува Зоре низ смеа. Додава дека кога е дома, нејзин најомилен ритуал е со часови да се протега во креветот и никој да не ја вознемирува.
(Д. М.) фото:ФБ












