вторник, август 4, 2026
Дома КУЛТУРА Концерт на Андреа Мирческа квинтет во Јавна соба

Концерт на Андреа Мирческа квинтет во Јавна соба

95

Во Јавна соба, на 18 јуни, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот „Приспивна песна за лудаци“ (Lullaby for Lunatics), првиот самостоен проект со авторска музика на контрабасистката, композиторка и мултиинструменталистка, Андреа Мирческа.

Станува збор за музичко патување инспирирано од богатите бразилски звуци од периодот на Тропикалија, движење кое во шеесеттите години ги спои традицијата, психоделијата, авангардата и експериментот во еден препознатлив и слободоумен музички израз.

Во „Приспивна песна за лудаци“, Мирчевска го поставува контрабасот во центарот на звучната приказна, создавајќи композиции што се движат помеѓу џезот, импровизацијата, современата музика и експерименталните форми. Публиката ќе има можност да доживее концерт во кој инструментите комуницираат меѓусебно, и создаваат атмосфери, пејзажи и емоционални светови во кои ноќта дише во сопствен ритам.

На сцената покрај Андреа Мирческа на контрабас, клавијатури и како вокал, ќе настапат и Драган Теодосиев – тапани, Филип Букршлиев – гитара, Благојче Томевски – кларинет и бас кларинет и Нинослав Спировски – тенор и сопран саксофон.

ИЗДВОЕНИ