Од денеска до следниот вторник, во Пионерскиот дом во Гевгелија се одржува традиционалната Летна ликовна школа, која се организира десетина години наназад, бесплатно, во оваа општина.
За школата на која се повикани сите млади љубители на уметноста и создавањето, Пионерскиот дом обезбедува дел од потребните материјали за работа, а децата можат да ги донесат и своите омилени материјали од дома. Ментор со кого ќе работат сите заинтересирани учесници е познатата ликовна уметница Мирјана Крстева-Масети, магистер по уметности.
– Школата се одржува од 2016 година, а паметам дека кога бев ученик и јас, се одржуваа вакви настани. Повикот е за сите љубители на уметноста, од 7 до 77 години, а најчесто ни доаѓаат многу деца, бидејќи ним, секако, им е полесно да се изразат визуелно отколку вербално. Јас им препорачувам да понесат насмевка со себе, бидејќи нивниот омилен дел од годината, летниот распуст, е веќе почнат. На ваквите дружби обично се гледаат талентите, кои подоцна го продолжуваат својот уметнички пат – вели Крстева Масети и додава дека секоја година Ликовната школа завршува со изложба на изработените дела.
Во рамките на Летната ликовна школа се застапени сите ликовни техники како акварел, темпера и други. Школата се одржува секој работен ден од 10:00 до 12:00 часот.












