Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која се зголемуваат малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 14,27 проценти во однос на претходната одлука од 2 март 2026 година.
Според новата пресметка, која ќе важи од утре од 00:01 часот, цените на горивата значително се зголемуваат како резултат на растот на референтните цени на светските пазари. Податоците покажуваат дека бензините бележат раст од 13,384 проценти, додека цената на дизелот е зголемена за дури 36,134 проценти. Кај екстра лесното масло растот изнесува 32,102 проценти, а кај мазутот 27,870 проценти.
Дополнително влијание врз пресметката има и движењето на курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во споредба со претходниот период е повисок за 0,9444 проценти.
Со новата одлука, максималната цена на моторниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 79,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 81,50 денари за литар. Цената на бензините се зголемува за пет денари по литар.
Најголемо поскапување има кај дизел горивото. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се зголемува за 14,50 денари и ќе изнесува 85,50 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за 12,50 денари и ќе се продава по 82,50 денари за литар. Поскапување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се зголемува за 7,044 денари по килограм и ќе изнесува 42,586 денари.
Од Регулаторната комисија појаснуваат дека трговците на големо и мало со нафтени деривати можат да формираат и пониски цени од утврдените максимални, во зависност од нивната деловна политика.
(С.Бл.)












