Иран со ракети ги нападна Бахреин, Кувајт и други регионални цели, а САД го нападнаа иранскиот остров Кешм во близина на Хормускиот Проток. Според американската војска, иранските ракети биле пресретнати, што беше потврдено и од Кувајт. Ден откако Русија жестоко го нападна Киев, Украина возврати со напад на енергетски објекти кај Санкт Петербсург, на само 15-тина километри од местото каде се одржува Економски форум, на кој Путин в петок ќе држи говор
Непријателствата во Персискиот Залив повторно се разгореа, а сè пожестоко станува и на другиот – руско-украинскиот фронт.
Американската војска, во средата, соопшти дека иранските ракетни напади врз Бахреин, Кувајт и други регионални цели биле спречени или неуспешни. Централната команда на САД, исто така, објави дека американските сили собориле ирански беспилотни летала што целеле цивилни бродови во регионалните води, а како одговор, го нападнале иранскиот остров Кешм во близина на Хормускиот Проток.
И кувајтската државна новинска агенција КУНА, повикувајќи се на војската, соопшти дека нејзината воздушна одбрана пресретнала непријателски ракетни и беспилотни напади во средата. Генералштабот на кувајтската војска изјави дека сите слушнати експлозии биле предизвикани од пресретнување и ги повика граѓаните да ги следат безбедносните упатства и да избегнуваат остатоци или неидентификувани предмети.
Иранските медиуми објавија дека Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) го нападнала седиштето на Петтата флота на САД во Бахреин и воздухопловна база и хеликоптери во земја во регионот со ракети и беспилотни летала, како одговор на „американски напад врз комуникациска кула јужно од иранскиот остров Кешм“. Иранската морнарица, објавија иранските медиуми, исто така испалила ракети кон танкерот „Панаја“ под либериско знаме како одговор на американскиот ракетен напад врз ирански танкер во близина на Хормускиот Проток.
–Нарушувањето на безбедноста на Хормускиот Проток ќе има висока цена за американската војска, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на ИРГЦ.
Американската војска испали ракета „хлфаер“ кон танкер што плови кон Иран, како дел од блокадата на иранските пристаништа, што служи за притисок врз Техеран да преговара за мировен договор според неговите услови. Американскиот претседател Доналд Трамп, во средата, изјави дека Иран се согласил да се откаже од својата програма за нуклеарно оружје. Гостувајќи во поткаст, тој тврдеше дека веќе е постигнат договор, пишува „Скај њуз“. Тој и понатаму ги отфрла тврдењата дека Иран има предност во конфликтот.
– Иран нема морнарица. Дури нема ни воздухопловни сили. Има многу малку војници. Нема лидерство, воопшто нема“, рече Трамп.
Нападите добиваат на жестина, иако Иран и САД, минатата недела, соопштија дека постигнале почетен прелиминарен договор за завршување на војната. Сепак, двете страни сè уште не го потпишале договорот.
Мирот е далеку и на другото воено жариште. Веќе неколку дена, Русија и Украина бројат жртви. Украински дронови погодија енергетски и воени објекти во Санкт Петерсбург рано во средата, неколку часа пред меѓународните гости да се соберат на водечкиот Економски форум. Неколку беспилотни летала со долг дострел се урнаа во складишта за нафта откако руската воздушна одбрана неуспешно се обиде да ги собори. Имаше гласни експлозии, а црн чад се издигаше високо над градот. Нападите се случуваат на само околу 15 километри од местото на Економскиот форум, каде што рускиот претседател, Владимир Путин, треба да одржи клучен говор в петок. Гостите пристигнаа на церемонијата на отворање во средата под густ чад. Други не можеа да долетаат откако аеродромот во Санкт Петерсбург беше привремено затворен.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека тој напад е најновиот пример за „санкции со долг дострел“ на Украина. Ден претходно, руската војска со балистички и крстосувачки ракети можеби најжестоко досега ја нападна украинската престолнина Киев, а погодени беа и други делови од земјата. Според властите, низ целата земја имало 9 загинати и речиси 100 повредени. Мировните преговори со посредство на САД се подолго време во застој, иако и двете страни велат дека сакаат мир.












