четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ХАРТИЈА ВО ИСКЛУЧИТЕЛНИ СЛУЧАИ: На лекар само со документ за идентификација, рецептите...

ХАРТИЈА ВО ИСКЛУЧИТЕЛНИ СЛУЧАИ: На лекар само со документ за идентификација, рецептите и упатите ќе се дигитализираат

68

Медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за евиденции од областа на здравството, најави денеска министерот за здравство, Азир Алиу. Хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации како привремено решение при прекин на системот. Сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат систем усогласен со националниот систем.

– Но, законски, веќе не мора да се печатат во форма на рецепт, извештај и така натаму. Една од пречките беше дека законски мора да се печати и тој документ е официјален, а сега и електронскиот документ станува официјален документ. Сè ќе биде дигитално и пациентот треба само да се појави во здравствена институција со документ за лична идентификација. Лекарот ќе има пристап до досието и до целата здравствена историја на пациентот – кажа министерот.

Како значајна новина, тој го најави и пилот-проектот телемедицина, кој ќе почне помеѓу Скопје, Дебар и Делчево.

– Ќе има два пристапа. Со едниот пристап, ќе креираме центри во сите градови во кои може физички да оди пациент и таму да се сретне преку видеоконференција со специјалист во Скопје и да се третира на далечина. ​Вториот момент е мобилната апликација, за која веќе е направена техничката спецификација, како треба да изгледа. Значи, ќе има и мобилна апликација која ќе се поврзува директно со матичниот лекар и матичниот лекар може и на оддалеченост и да препишува и да се консултира со пациентот. ​Со ова, ќе решаваме неколку проблеми, како на пример, дека тие здравствени услуги се многу поевтини и здравствените услуги што во моментот се лимитирани во внатрешноста на државата, ќе бидат достапни – додаде министерот.

ИЗДВОЕНИ