Револтирани граѓани реагираат дека жена нелегално наплаќа влез за посета на локалитетот „Куклица“ во Кратовско, еден од најпознатите природни феномени во Македонија прогласен за Споменик на културата. Притоа, бараат институциите да ги проверат наводите за наплата на влез и ограничувањето на пристапот до локалитетот. Општина Кратово, исто така во јуни, минатата година, до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава поврзана со локалитетот „Куклица“. Општината тогаш соопшти дека објектот и земјиштето на локалитетот се узурпирани од физички лица кои вршеле „неосновано и бесправно управување со просторот и користење одредени права на стопанисување без основ и без согласност на ниту една надлежна институција“

Револтирани граѓани реагираат дека жена нелегално наплаќа влез за посета на локалитетот „Куклица“ во Кратовско, еден од најпознатите природни феномени во Македонија прогласен за Споменик на културата.

Марио Станојковски на „Фејсбук“ побара институциите да ги проверат наводите за наплата на влез и ограничувањето на пристапот до локалитетот.

– Куклите кај Кратово се природно богатство кое им припаѓа на сите нас. Јавен простор, создаден од природата, даден за сите. Денес повторно бев спречен да влезам – напиша тој.

Притоа, опишува дека дрска, арогантна жена, физички туркала и не дозволувала влез.

– Стои на портата и со телото го блокира пристапот до јавниот простор, без никакво законско право – наведува Марио.

Тој додава дека разговарал со туристи од Косово кои му кажале дека платиле по 10 евра за влез, додека при претходна посета им биле побарани по 20 евра од лице. Им било кажано дека куклите се приватна сопственост и тие поверувале, бидејќи како што вели Марио, никој не им ја кажал вистината.

Воедно, наведува дека  младенци плаќале и сè уште плаќаат за свадбени фотографии.

– Луѓе од цела Македонија биле принудени да платат или да се вратат. Готовина. Без сметка. Без закон. Имам докази. Имам фотографии. Имам видео – тврди Станојковски.

По објавата на Станојковски, се појавија десетици коментари од граѓани кои тврдат дека имале слични искуства.

–  Со сопругата и внукот решивме да ги посетиме Кратово и куклите, но наидовме на жена која ни бараше пари за влез, велејќи дека тоа е нејзин приватен имот, пишува во еден од коментарите.

Петар Слејановски наведува дека со семејството бил спречен да го посети локалитетот затоа што од нив била побарана наплата за влез.

– Жената со нејзиното дрско однесување извади клучеви и ми се закани дека ќе ми ја изгребе колата и ќе ми ги дупне гумите ако продолжам, а не платам 240 денари за влез – тврди Слејановски.

Сара Драгевска пишува дека на пат кон локалитетот биле запрени од полицајци, кои ги посоветувале да не одат на локалитетот.

– Ние тргнавме натаму, по пат нè сретнаа полициски службеници и најкултурно и професионално нѐ прашаа каде одиме? Дали кај куклите или во кафеаната? Ние одговоривме кај куклите. При што полицајците ни рекоа дека е најубаво да се вратиме зашто досега се расправале со „некој“ кој наплаќал скапо влез за таму, а не издавал фискална сметка. И дека не можат сега соодветно да реагираат. За да не нѐ ограбуваат поединци за џабе, најубаво би било да се вратиме. По возилото во кое беа полицајците имаше уште неколку возила зад нив, најверојатно посетители што се вратиле. И ние го послушавме нивниот совет и се вративме – реагира Драгевска.

Општина Кратово, исто така во јуни, минатата година, до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава поврзана со локалитетот „Куклица“.

Општината тогаш соопшти дека објектот и земјиштето на локалитетот се узурпирани од физички лица кои вршеле неосновано и бесправно управување со просторот и користење на одредени права на стопанисување без основ и без согласност на ниту една надлежна институција.

– Подолг период во континуитет, здружението „Извор“– Кратово, на чело со Милош Димитровски и лицето Стојна Д., вршат кривични дела на узурпација, присвојување и неосновано користење на Дрвена куќичка (Брвнара) во локалитетот Камени кукли во селото Куклица, каде што вршат „неосновано и бесправно управување со просторот и користење на определени права на стопанисување без основ и без согласност на ниту една надлежна институција и Општина Кратово“ – информираше лани Општина Кратово.

Според сведоштвата на граѓаните, проблемот сѐ уште не е решен.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ