Општина Македонска Каменица најави дека во наредниот период ќе спроведува засилени инспекциски контроли на целата територија на општината, со цел подобрување на јавниот ред, чистотата и заштитата на животната средина.
Oд локалната самоуправа информираат дека контролите ќе се реализираат врз основа на повеќе законски прописи, меѓу кои Законот за локалната самоуправа, Законот за комуналните дејности, Законот за јавна чистота, Законот за управување со отпад, Законот за животната средина и Одлуката за комунален ред на Општина Македонска Каменица, а согласно со Договорот за меѓуопштинска соработка со Општина Делчево за вршење инспекциски надзор од областа на животната средина.
Според најавите, инспекциските служби ќе вршат контроли за отстранување хаварисани, нерегистрирани и напуштени возила од јавните површини, како и на огревни дрва, градежен материјал, отпад и други предмети оставени на тротоари, улици, паркинзи и други јавни простори. Во фокусот на инспекцискиот надзор ќе бидат и спречувањето на загадувањето и нарушувањето на јавната чистота, како и контролата на одгледувањето и чувањето живина, свињи и други домашни животни спротивно на законските и општинските прописи.
Од Општина Македонска Каменица ги повикаа граѓаните, како и правните и физичките лица, во рок од 15 дена од објавувањето на соопштението доброволно да ги отстранат утврдените неправилности и да постапат согласно важечките законски одредби.
–По истекот на овој рок, надлежниот инспектор ќе спроведува инспекциски надзор и ќе презема мерки во согласност со законските овластувања, што вклучува изрекување опомени, донесување решенија, издавање прекршочни налози и поведување соодветни постапки – наведуваат од општината.
Притоа, апелираат до граѓаните со одговорно однесување да придонесат за почиста, побезбедна и поздрава животна средина во општината.












