Јавните претпријатија од железничкиот, енергетскиот и од комуналниот сектор, како и повеќе општини, се наоѓаат меѓу најголемите должници во земјава. Податоците на Министерството за финансии за пријавените обврски за третиот квартал од 2026 година покажуваат дека на врвот од листата на десетте најголеми поединечни должници се: ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ Скопје и АД „МЖ Транспорт“ Скопје.

Железничкото инфраструктурно претпријатие има достасан, а неплатен долг од 91,55 милиони евра, додека долгот на „МЖ Транспорт“ изнесува 87,17 милиони евра. На третото место е АД ЕСМ со обврски од 40,31 милион евра. Меѓу десетте најголеми должници се наоѓаат и „ЕСМ Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ Скопје, со долг од 27 милиони евра, и ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, чии достасани неплатени обврски изнесуваат 12,66 милиони евра.

Кога станува збор за општините, најголем должник е Гостивар, со неплатени достасани обврски од околу 16,2 милиони евра. На второто место е Тетово, со долг од 12,1 милион евра, а трет е Сарај, со 4,2 милиони евра. Високо на листата е и Карпош, со долг од 3,9 милиони евра. Петтото место го зазема Желино со 3,6 милиони евра. Интересно е што долгот на оваа општина, која според пописот од 2021 година има 18.998 жители, е поголем од долгот на Град Скопје. Пред главниот град, според висината на достасаните неплатени обврски, се и Кисела Вода со 3,5 милиони евра, Струга со 3,2 милиони евра и Чаир со 2,9 милиони евра.

Град Скопје има пријавено долг од околу 2,8 милиони евра. Сепак, значително поголем товар претставуваат обврските на јавните претпријатија под негова надлежност, кои заедно должат околу 30,6 милиони евра. Покрај ЈП „Водовод и канализација“, со долг 6,6 милиони евра е и ЈП Комунална хигиена, а ЈП „Улици и патишта“ има неплатени обврски од 4,6 милиони евра, ЈП „Паркови и зеленило“ должи 4,5 милиони евра, додека долгот на депонијата „Дрисла“ изнесува околу 2 милиони евра.

ИЗДВОЕНИ