Германија воведува нова програма за долгорочно штедење за деца, наречена „Frühstartrente“ (пензија од рана возраст), според која државата ќе издвојува по 10 евра месечно за секое дете, почнувајќи од шестгодишна возраст па сè до 18-тата година. Целта е младите уште од рана возраст да почнат да создаваат капитал за својата пензија, независно од финансиската состојба на нивните родители.
Предвидено е програмата да започне на 1 јануари 2027 година, при што првите државни уплати ќе се однесуваат на децата родени во 2020 и 2021 година. За генерацијата родена во 2020 година, планирани се и ретроактивни уплати за 2026 година.
Според планот, секое дете може да добие вкупно 1.440 евра државна поддршка во периодот од шест до 18-годишна возраст – без да се сметаат евентуалните приноси остварени преку инвестирање на овие средства.
Важно е да се напомене дека нема сите деца да имаат право на учество. Програмата е наменета за деца чие главно место на живеење е во Германија, а постарите генерации – конкретно децата родени пред 2020 година – нема да бидат опфатени.
Како функционира овој систем на штедење поддржан од државата?
Германската влада смета дека можноста за создавање заштеди за иднината на детето премногу зависи од семејните приходи. На родителите со повисоки примања им е полесно да издвојуваат средства за своите деца, додека децата од семејства со поскромни финансиски можности се во понеповолна положба. Затоа, државата ќе уплаќа по 10 евра месечно за секое дете што ги исполнува условите, на сметка наменета за долгорочно пензиско штедење и инвестирање.
Родителите ќе можат да отворат посебна инвестициска сметка кај приватен давател на услуги кој ги исполнува пропишаните услови. Покрај државните придонеси, на оваа сметка средства ќе можат да уплаќаат и родителите, бабите и дедовците, други роднини или пријатели.
Доброволните уплати можат да изнесуваат до 6.840 евра годишно. Доколку родителите не отворат посебна сметка, државата ќе ги инвестира средствата колективно на пазарот на капитал, при што со овие средства ќе управува германската централна банка (Бундесбанка). Правото на детето врз акумулираниот капитал останува непроменето, а средствата подоцна може да се префрлат на индивидуална сметка.
За добивање на државната поддршка не е потребна посебна пријава. Сепак, родителите кои сакаат да имаат индивидуална сметка, мораат да ја отворат кај овластен давател на услуги.
Постојат и ограничувања на трошоците: нема да се наплаќаат надоместоци за склучување договор или за дистрибуција сè додека детето не стане полнолетно, а вкупните ефективни трошоци ќе бидат ограничени на еден процент.
Средствата не можат да се користат за универзитетски студии или за добивање возачка дозвола.
Иако децата ќе имаат средства на посебна сметка додека растат, акумулираниот капитал нема да им биде достапен во моментот кога ќе наполнат 18 години. Приносите од инвестициите ќе бидат ослободени од данок за време на фазата на штедење, додека повлекувањето на капиталот субвенциониран од државата, по правило, нема да биде дозволено пред 65-тата година од животот.
Тоа значи дека средствата не можат да се користат за финансирање универзитетски студии, часови за возење или други трошоци што се јавуваат во раните фази од животот. Станува збор за форма на долгорочно штедење, чија цел е да обезбеди финансиска сигурност во староста.
Откако лицето ќе стане полнолетно, средствата може да се префрлат во друг соодветен, законски признат облик на приватно пензиско штедење.
Колку ќе ја чини Германија оваа програма?
Воведувањето на програмата „Frühstartrente“, ќе донесе дополнителни трошоци за сојузниот буџет.
Според податоците од парламентарната процедура, издвојувањата за оваа намена се проценуваат на 198 милиони евра за 2027 година, при што се очекува оваа сума до 2030 година да достигне 411 милиони евра.
Преку оваа иницијатива, Германија има за цел да го поттикне акумулирањето на пензиски капитал уште од најрана возраст, обезбедувајќи им на децата основа за финансиска сигурност во подоцнежните години.
За разлика од стандардните детски додатоци, овие средства не се наменети за секојдневните потреби на семејството; наместо тоа, тие ќе се инвестираат долгорочно и се наменети исклучиво за идна пензиска сигурност.












