Избран е проектант за депонијата „Буково“, следната година треба да биде готова техничката документација, а регионалниот систем за отпад се очекува да профункционира во 2030 година. Затворањето на „Буково“ е долгогодишно барање на еколошките организации и на меѓународните институции. Уште во 2017 година, по реактивната мисија во Охридскиот Регион, УНЕСКО побара да биде затворена депонијата најдоцна до крајот на 2020 година. И покрај тоа, рокот не беше почитуван и проблемот продолжи да се провлекува низ годините. Еколошките организации предупредуваа дека состојбата претставува ризик за животната средина и за заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот Регион

 

Депонијата „Буково“ се наоѓа во близина на Охрид и претставува главна локација на која со години се фрла комуналниот отпад од Охрид и од околните населени места. Станува збор за нестандардна општинска депонија, која со долгогодишното користење и со недоволната инфраструктура претставува сериозен предизвик за заштитата на животната средина. Депонијата се користи повеќе од половина век и е еден од најголемите еколошки проблеми на Охридскиот Регион.

Конечно, завршена е постапката за избор на проектант што ќе ја изработи проектната документација за затворање на нестандардната депонија „Буково“, додека паралелно продолжуваат активностите за изградба на претоварна станица во Мауцкер и на собирен центар за отпад на улицата „Железничка“. Станува збор за дел од воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад, кој треба да ги опфати Пелагонискиот и Југозападниот Плански Регион, односно вкупно 18 општини. Очекувањата се да бидат функционални регионалниот центар во Новаци и претоварните станици во 2030 година.

Избраниот проектант треба да ги утврди потребните финансиски средства, фазите и временската рамка за затворање на депонијата „Буково“. Се очекува проектната документација да биде завршена во текот на следната година. Во однос на претоварната станица, Општина Охрид веќе предложила до Министерството за животна средина и до Агенцијата за планирање на просторот локација во областа Мауцкер. Подготовката на проектната документација е во надлежност на овие институции, по што општинските служби ќе постапуваат по барањето за одобрение за изградба.

Определена е и локацијата за собирен центар на улицата „Железничка“, во дворното место кај ЈП „Нискоградба“. Земјиштето, кое претходно било во приватна сопственост, е експроприрано врз основа на одлука на Советот на Општина Охрид. Во предлог-буџетот за декември се предвидени средства за измена на Урбанистичкиот план, а постапката треба да почне следната година.

Регионалниот систем не подразбира само изградба на нова депонија туку и воспоставување интегриран модел за селекција, собирање, транспорт и соодветно третирање на отпадот, како и затворање на постојните нестандардни депонии. За негово функционирање ќе бидат потребни соодветна инфраструктура, опрема, финансиски средства и зајакнување на капацитетите на комуналните претпријатија.

Изработен е и шестгодишен плански документ со институционална, оперативна и со финансиска рамка за двата плански региони. Вкупната финансиска конструкција е проценета на 45,5 милиони евра, од кои досега се обезбедени над 30 милиони евра. Преостанатиот финансиски јаз изнесува од 14 до 20 милиони евра, во зависност од обемот на активностите, особено оние поврзани со затворањето на нестандардните депонии.

Планот опфаќа шест приоритетни области: изградба на регионална инфраструктура, зајакнување на институционалните капацитети, обезбедување финансии, подобрување на селекцијата на отпадот, затворање на 16 нестандардни депонии и диви ѓубришта, како и засилена комуникација со граѓаните.

Во рамките на системот, сите 18 општини ќе ја користат заедничката инфраструктура, вклучително и регионалниот центар во Новаци со санитарна депонија, претоварните станици и општинските собирни центри за кабаст и посебни видови отпад. Во подготовката и спроведувањето на планот учествува и „Салар интернешенел“, преку поддршка и пренесување на шведските искуства во управувањето со отпадот.

Проблемот со „Буково“ не е само во количеството отпад што се фрла туку и во начинот на негово третирање. Нестандардните депонии, по правило, немаат целосно изградени системи за заштита на почвата и на подземните води, контролирано управување со депонискиот гас и соодветна инфраструктура за третман на отпадот. Дополнителен проблем се непријатните миризби, честите пожари и загадувањето на околината. Особено значајно е што Охрид е туристички центар и град со исклучително природно и културно наследство, па управувањето со отпадот има директно значење за квалитетот на животната средина и за имиџот на регионот.

Затворањето на „Буково“ е долгогодишно барање на еколошките организации и на меѓународните институции. Уште во 2017 година, по реактивната мисија во Охридскиот Регион, УНЕСКО побара да биде затворена депонијата најдоцна до крајот на 2020 година. И покрај тоа, рокот не беше почитуван и проблемот продолжи да се провлекува низ годините. Еколошките организации предупредуваа дека состојбата претставува ризик за животната средина и за заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ