Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати, при што најголемо намалување има кај дизелот.
Со новата одлука, цената на Еуродизелот се намалува за 3,5 денари и ќе изнесува 88,5 денари за литар. Бензините Еуросупер 95 и Еуросупер 98 поевтинуваат за два денари, па нивните нови цени ќе бидат 82, односно 84 денари за литар.
Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се намалува за 2,5 денари и ќе изнесува 98 денари за литар.
Просечното намалување на цените на нафтените деривати изнесува 2,28 проценти, а како главна причина се наведува падот на цените на нафтата и нафтените деривати на светските берзи.
Во пресметката се земени предвид и владините мерки за намалување на ДДВ-то за дизелот, како и пониските акцизи за бензините и дизелот.
Новите цени ќе важат од 24 ноември, една минута по полноќ.












