Платформата на клонот на ТИПС започна со функционирање, со што се отвора ново поглавје во модернизацијата на платежниот систем во Македонија и регионот. Оваа технолошка инфраструктура претставува основа за воспоставување Национален инстант платен систем, кој ќе овозможи брзи плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата.

Официјалното заокружување на процесот на воспоставување на регионалната платформа беше одбележано денеска во Банката на Италија, во присуство на гувернерите на централните банки од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, гувернерот на Банката на Италија, Фабио Панета, како и италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани.

Новата инфраструктура ќе донесе значителни придобивки за граѓаните и компаниите, овозможувајќи трансфер на средства за само неколку секунди, независно од работното време, викендите и празниците. Освен побрзи трансакции, системот ќе овозможи и воведување современи дигитални услуги, како плаќање преку мобилен телефонски број или електронска адреса, барање за плаќање, проверка на примачот, онлајн плаќања и користење интероперабилни кодови.

Според предвидената динамика, деловните банки во земјава треба да го завршат техничкото поврзување со системот до јануари 2027 година. По завршувањето на овој процес, инстант плаќањата ќе станат целосно достапни за граѓаните и бизнис-секторот преку сите банки во државата.

Клонот на ТИПС е платформа развиена и управувана од Банката на Италија, врз основа на технологијата на Евросистемот за порамнување инстант плаќања. Преку неа се овозможуваат трансакции во националните валути на петте земји учеснички, како и во евра.

Проектот започна минатата година, а од ноември 2026 година сите пет земји од Западен Балкан се приклучени на платформата. Во наредниот период се очекува воспоставување и на прекугранични плаќања во евра меѓу учесничките. Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон дигитализација на финансиските услуги, поголема регионална поврзаност и усогласување со европските стандарди. Истовремено, таа создава услови за поефикасни плаќања, подобри услуги и посовремена финансиска инфраструктура.

 

ИЗДВОЕНИ