понеделник, ноември 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Исламска заедница добила дозвола да гради административна зграда кај Скопското кале

Исламска заедница добила дозвола да гради административна зграда кај Скопското кале

0

Добиена е дозвола за изградба на нов административен објект во околина на Скопското кале, објави Исламската заедница во Македонија. Во соопштението на Заедницата се наведува дека до ова дошло по долгиот ангажман на поглаварот реис ул улема Шаќир Фетаи максимално поддржан од Муфтиите со своите Муфтиства, сите негови органи, Факултетот за исламски науки, Иса Беу Медраса, вработените во Ријасетот, имамите и верниците кои со посветеност, одговорност и истрајност со години работеа на остварување на оваа цел.

Новото седиште треба да ги обедини дирекциите и административните единици на Ријасетот, а од ИВЗ го најавуваат како инвестиција во модернизацијата на институцијата и подобрувањето на услугите за верниците и поширокото општество.

Во март 2019 година, тогашното раководство на Заедницата, предводено од Сулејман Реџепи, јавно говореше за проблемите со денационализацијата и враќањето на верскиот имот. Според тогашните информации на ИВЗ, биле поднесени околу 350 барања за денационализација, од кои биле завршени само 40 проценти, додека останатите биле предмет на спорови.

Едно од барањата на ИВЗ во 2019 година тогаш беше државата да им додели имот за изградба на резиденција со придружни објекти за поглаварот Сулејман Реџепи на локација до Француските гробишта во близината на Скопското кале. Оттаму соопштија дека биле подготвени тоа земјиште да го откупат.

– Тоа ветување ни беше дадено од претходната влада, но во меѓувреме му го продадоа на бизнисменот Орце Камчев и на групацијата МПМ. За таа цел ние дадовме свои средства, 80 илјади евра за урбанизација на тој дел, со барање за промена на урбанистичкиот план на општината Центар. Поглаварот Реџепи нема резиденција, за разлика од поглаварите на другите верски заедници во земјава – изјавија тогаш во ИВЗ.

Покрај административната зграда во близина на Скопското Кале, ИВЗ најави и поставување камен-темелник за спортска сала во Исламската гимназија „Иса Беу Медреса“, во Кондово, општина Сарај. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ