Повеќе од две недели преговори, дополнителни два дена натегање и на крајот – без договор. Европската Унија го отфрли предложениот документ бидејќи во него нема ниту јасен план за напуштање на фосилните горива ниту сериозни обврски за ограничување на загадувањето. Додека богатите и сиромашните држави се препираат околу парите и нафтата, климатската криза станува сè посериозна, а светот се приближува кон надминување на критичната граница од 1,5 Целзиусови степени

 

Наместо заеднички чекор во борбата против климатските промени, светските лидери си заминаа од турскиот град Анталија, без договор. Светските медиуми со разочарување пренесуваат дека Климатскиот самит на Обединетите нации  заврши без успех, откако земјите не успеаја да се усогласат околу клучните прашања за иднината на планетата. Европската Унија и неколку други држави го одбија последниот предлог-договор, оценувајќи дека е премногу слаб и дека не нуди сериозни мерки за справување со глобалното затоплување.

Иако состаноците траеја повеќе од две недели, а преговарачите останаа на маса уште два дополнителни дена, не беше постигнат договор. Најголемата расправија се водеше околу две работи – дали во документот јасно ќе се каже дека светот треба да се откаже од фосилните горива и колку пари богатите држави ќе издвојуваат за помош на посиромашните земји кои веќе ги трпат последиците од климатските промени.

Европската Унија беше меѓу најгласните противници на предложениот текст. Ирскиот министер за животна средина, Дара О’Брајан, порача дека е неприфатливо да се носи климатски договор во кој воопшто не се спомнуваат фосилните горива, иако токму нивното користење е еден од главните виновници за загревањето на планетата. Според него, документот мора да содржи јасна определба за постепено напуштање на јагленот, нафтата и гасот.

Од друга страна, посиромашните држави не беа задоволни од тоа што во предлогот немаше конкретни финансиски обврски од побогатите земји. Тие бараат поголема помош за справување со сушите, поплавите, екстремните горештини и другите последици од климатските промени, со кои најчесто се соочуваат токму земјите што најмалку придонесуваат за загадувањето.

Претседавачот на самитот, Турчинот Мурат Курум, на последната седница призна дека нема услови за договор и порача дека нема да биде понуден нов предлог. Според него, направено е сè што било во можност на претседавањето, но разликите меѓу државите останале непремостливи. Австралискиот претставник Крис Боуен го оцени исходот како големо разочарување.

На самитот против предложениот документ се изјасни и Панама, оценувајќи дека тој не одговара на сериозноста на климатската криза. Во меѓувреме, набљудувачите посочија дека големите производители на нафта, меѓу кои и Саудиска Арабија, се залагале во договорот да нема конкретно спомнување на фосилните горива.

Неуспехот доаѓа во особено чувствителен момент, откако Обединетите нации предупредија дека светот ќе ја надмине границата од 1,5 степени Целзиусови глобално затоплување, поставена како цел со Парискиот климатски договор. Последен пат ваков голем климатски самит заврши без заеднички политички договор во 2009 година, во Копенхаген.

 

ИЗДВОЕНИ