Македонија влегува во период на почести и подолги суши, кои веќе оставаат видливи последици врз земјоделството и врз економијата. Земјоделците плаќаат повисоки трошоци за производство и за заштита од екстремните температури, а експертите предупредуваат дека без навремени мерки за адаптација, климатската криза може сериозно да го загрози и она малку од домашното земјоделско производство.

– Климатските промени веќе се рефлектираат врз нашиот џеб – џебот на производителите и ова нè води кон ситуација да се откажеме од земјоделското производство и да одиме да работиме во другите стопански гранки – вели Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, за весникот ВЕЧЕР 

Климатските промени и сушите предизвикуваат сериозни економски загуби во македонското земјоделство преку намалување на приносите, зголемување на производствените трошоци и недоволно обесштетување, додека за државата тие значат поголеми буџетски трошоци, зголемен увоз на храна и намалена конкурентност на земјоделскиот сектор.

Повеќе национални процени за климатските ризици во Македонија покажуваат дека најизложени на суша се рамничарските и котлинските подрачја во источниот, централниот и во југоисточниот дел на државата. Современите анализи на аридноста (степен на сувост на климата или на одредено подрачје, односно состојба кога количината врнежи е помала од количината вода што испарува од почвата и од растенијата) покажуваат дека најсувите области се наоѓаат покрај Повардарјето и во источните котлини, каде што има помали количини врнежи, високи летни температури и зголемена испарливост.

Сушата и земјоделските загуби

Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, во повеќе наврати предупредува дека сушите, високите температури и другите климатски екстреми веќе предизвикуваат сериозни економски последици за македонското земјоделство. Тој истакнува дека климатските промени, заедно со поскапувањето на репроматеријалите, ја намалуваат профитабилноста на производството.

– Сведоци сме на драстични климатски промени, кои предизвикуваат екстреми што се невообичаени за нашето географско подрачје. Овие промени се одвиваат во континуитет, но последнава деценија се драстично изразени. Еве, изминатиов месец (мај) имаше невообичаено ниски температури, што доведе до измрзнување на овошките и на градинарските култури и тоа се одразува врз приносот и квалитетот на земјоделското производство. А овој месец (јуни), пак, имаме екстремно високи температури, кои, исто така, влијаат на вегетацијата на растенијата и веќе сме присилени да употребуваме дополнителни заштитни мерки, како засенчување, што ни е трошок и финансиски нè оптоварува во процесот на производство – вели Каракашев за весникот ВЕЧЕР.

Тој посочува дека поради јакото сонце ќе мора над оранжеријата да постави двојна мрежа за засенчување за да се намали температурата под 30 Целзиусови степени, бидејќи растенијата ќе го исфрлат цветот.

– Во западните земји имаат успешно производство затоа што поставуваат вентилатори или климатизери во оранжериите. Зошто да не се примени тоа и кај нас? Имаме сонце, имаме фотоволтаици, зошто да не се искористи таа струја за намалување на температурата? Решенијата се тука, само треба да се применат, а од надлежните, во моментов, не гледаме конкретни мерки – потенцира Каракашев.

Акумулациите во државата од каде што земјоделците добиваат вода за полевање на посевите, според Каракашев, покажуваат повеќегодишен дефицит, затоа што во зима нема снегови и врнежи од дожд, а намалено е и нивото на подземните води.

– Науката сугерира дека Македонија полека, но сигурно потпаѓа во сахарскиот појас и се движи кон пустинска клима. Затоа е потребно во наредниот период да се направи детална анализа на состојбата за влијанието на климатските промени и да се донесе стратегија со мерки за ублажување или превенција од климатските промени. Во спротивно, како држава, ќе се соочиме со страшен дефицит на основните земјоделски производи. Климатските промени веќе се рефлектираат врз нашиот џеб –џебот на производителите и ова нè води кон ситуација да се откажеме од земјоделското производство и да одиме да работиме во другите стопански гранки – заклучува Каракашев.

Македонските ниви се жедни

Германската Влада, преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), нуди тестирани решенија што може да им помогнат земјоделците подобро да се приспособат кон климатските последици. По повод Светскиот ден на борбата против сушата и опустинувањето, оттаму велат дека климатските проекции за земјата укажуваат дека, во сценарио со високи емисии, до крајот на векот температурата може да се зголеми за 5 Целзиусови степени, летните врнежи да се намалат за 40 проценти, а бројот на летни денови да се зголеми за 50 до 60 дена годишно.

Проф. д-р Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ) посочува дека климатските промени сè поизразено влијаат врз земјоделското производство.

– Ако погледнеме наназад низ годините, просечната годишна температура на територијата на нашата држава веќе е зголемена за еден до два степени. За континенталните овошни видови повисоките температури имаат негативно влијание. Во комбинација со намаленото количество врнежи, тие создаваат сериозен проблем за одгледување овошни насади без можност за наводнување. Некогаш можевме да кажеме дека може да се одгледува сливата во Малешевијата и без наводнување, а јаболкото, во одредени услови, со минимално наводнување. Денес веќе не можеме да препорачаме ниту еден овошен вид да се одгледува интензивно, без услови за наводнување. Земјоделството се соочува со појава на ниски температури во доцните пролетни месеци (април-мај), недостиг на вода, честа појава на град, суви и жешки лета и со намалена релативна влажност на воздухот. Сето тоа создава притисок и ја зголемува потребата од решенија за адаптација кон овие промени – појаснува проф. д-р Арсов.

Проф. д-р Александра Мартиновска-Стојческа од Институтот за агроекономика при ФЗНХ укажува на значењето на земјоделството за економијата, но и на предизвиците што произлегуваат од структурата на секторот, во кој доминираат помали земјоделски стопанства.

– Кај нас, земјоделството е еден од најважните сектори во економијата. Тоа учествува со околу една десеттина во бруто-домашниот производ и има приближно ист удел во вработеноста, односно во бројот на ангажирани луѓе во секторот. Во последните години се забележува намалување на неговиот удел и во економијата и во вработеноста, додека самиот сектор вредносно постепено расте. Потенцијалот што го имаме како земја за земјоделско производство е голем, но значајни се и предизвиците со кои се соочуваме. Структурата на земјоделството сè уште се состои од голем број многу мали фарми. Деведесет и пет проценти од фармите имаат помалку од пет хектари земјоделско земјиште, а просечната фарма, според последните податоци со кои располагаме, е 1,8 хектари. Тоа е значително помалку во споредба со земјите од Европската Унија, но и со некои од нашите соседи – појаснува проф. д-р Мартиновска-Стојческа.

Со германска поддршка, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), во партнерство со ФЗНХ, во Долно Лисиче, Скопје, неодамна отвори демонстрациско поле на кое се испитуваат различни пристапи за приспособување на земјоделското производство кон климатските промени. На полето се тестираат различни подлоги, растојание на садење и режими на наводнување, со цел да се утврди кои комбинации се посоодветни во услови на суша, високи температури и други климатски ризици.

– Земјоделското производство е фабрика на отворено. Одредени земјоделски култури можат да се одгледуваат во заштитени и контролирани услови, но во овоштарството станува збор за високи растенија и за големи површини што не можат целосно да се заштитат. Затоа решенијата мора да се тестираат директно на нива, бидејќи едно е во лабораторија, а друго е на терен. Оваа локација ќе покаже со текот на времето како можеме да се справиме со различни климатски ризици. Во лето може да има суви воздушни струења, а во скопската околина, особено во јули и во август, има силно сончево зрачење и ризик од изгореници. Честа е и појавата на град, кој може да предизвика значителни штети. Целта е да утврдиме како може да се намали или целосно да се елиминира негативното влијание на овие климатски појави – појаснува проф. д-р Арсов.

Преку тестирање во реални услови, проектот што се реализира со поддршка на германската Влада, преку ГИЗ, има цел да ги претвори научните сознанија во практични препораки за земјоделските производители. Резултатите треба да придонесат за поефикасно користење на водата, намалување на загубите и за избор на производни практики што може подобро да одговорат на сушата и на другите климатски ризици.

– Македонско-германската соработка во земјоделството и во руралниот развој трае повеќе од три децении. Низ годините, таа се менуваше заедно со потребите на земјата – од поддршка во периодот на трансформација, преку зголемување на продуктивноста, пласманот и трговијата, до денешниот предизвик, кој станува сè поважен: адаптација кон климатските промени – посочи Давид Оберхубер, директор на ГИЗ во Македонија.

Покрај активностите во Долно Лисиче, проектот предвидува развој на применливи демонстративни решенија, регионална размена на знаење и пренесување на научените лекции меѓу институциите, експертите и земјоделските производители.

Потребни се повеќе средства за справување со сушата

Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека Македонија се соочува со зголемен ризик од суша, поради што се потребни повеќе финансиски средства за реализација за мерки за адаптација.

– Земјите од Медитеранот, вклучително и Македонија, се повеќе изложени на подолги сушни периоди, намалени врнежи и континуиран пораст на температурите. Овие промени директно влијаат врз водните ресурси, земјоделството и стабилноста на локалните заедници, при што последиците сè почесто се одразуваат и преку економски загуби и зголемена социјална ранливост – велат од ЦГК.

Во рамките на активностите на проектот „Green B-LEAF“, развиена е алатка за процена на ризиците и ранливоста на локалните заедници од климатските промени, која овозможува подетална анализа на климатските ризици, вклучително и сушата, и поддршка на општините во креирањето соодветни мерки за адаптација. Анализите од нејзината примена покажуваат дека, и покрај зголемената изложеност на ризици, подготвеноста на општините во медитеранските региони останува ограничена, што укажува на потребата од посистематски и долгорочен пристап во управувањето со климатските ризици.

Според спроведените национални анализи и процени, во Македонија значителен дел од Североисточниот, Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот Регион се оценети како ранливи на суша, со особено чувствителни подрачја како Скопската и Штипската Котлина и Овчеполието. Овие резултати ја нагласуваат потребата од локално приспособени политики, подобро планирање и инвестирање во зголемување на отпорноста на локалните заедници. Паралелно со развојот на алатки за процена, се работи и на подигање на јавната свест и на јакнење на капацитетите на општините за поефикасно справување со сушата и со другите климатски ризици, со цел подобра подготвеност и навремено дејствување на локално ниво.

– Сушата останува еден од најсериозните предизвици на современите климатски промени, кој бара координиран, навремен и интегриран одговор на сите нивоа на управување. Во таа насока, неопходно е зајакнување на институционалните и на локалните капацитети за процена на ризиците и стратешко планирање, како и обезбедување соодветни финансиски средства за спроведување мерки за адаптација кон климатските промени – велат од ЦГК и ги повикуваат граѓаните да управуваат одговорно и рационално со водните ресурси, особено со водата за пиење, со цел да се намали непотребната потрошувачка во периоди на зголемен ризик од суша.

Исто така се препорачува да се избегнува наводнување со вода за пиење и нерационално нејзино користење во домаќинствата и во земјоделството.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ