Добитникот на Нобеловата награда, Мајкл Кремер, е именуван за главен економист на Групацијата на Светската банка и за виш потпретседател за економија на развојот.
Од 1 октомври, еден од најистакнатите економисти на денешницата ќе ја предводи истражувачката и аналитичката работа во оваа меѓународна финансиска институција, соопшти Светската банка.
„Како главен економист, Кремер ќе ја претставува Светската банка на меѓународната сцена и ќе биде одговорен за изработка на влијателни публикации“, изјави претседателот на Светската банка, Аџај Банга.
Банга истакна дека Кремер ѝ се приклучува на Светската банка во време кога „на светот му се потребни храбри решенија за развојните предизвици“.
„Мајк Кремер не само што го поминал својот живот во идентификување ефективни развојни стратегии, туку и опсежно ги тестирал, а токму таков начин на размислување ни е потребен во моментов“, рече Банга.
Кремер е познат не само по осмислувањето иновативни решенија за глобалните проблеми засновани на истражување, туку и по нивното спроведување преку програми што допреле до стотици милиони луѓе – од проширување на пристапот до вакцинација и училишни здравствени програми, па сè до помош за малите земјоделци – се наведува во соопштението на Светската банка.
Банга изјави дека Кремер ѝ се приклучува на Светската банка во време на итни развојни предизвици, како што е потребата да се создадат 1,2 милијарди работни места за младите што достигнуваат работна возраст. Кремер изјави дека Групацијата на Светската банка поседува огромен истражувачки капацитет за идентификување и тестирање иновативни решенија за развојните предизвици, како и оперативен досег за нивно проширување и подобрување на животите на луѓето.
Кремер има диплома по економија од Харвард и предава на Универзитетот во Чикаго. Неговото истражување се фокусира на области како што се економскиот раст, технолошката транзиција и економијата на развојот. Тој работи на прашања поврзани со образованието, здравството – особено вакцинацијата – водата, финансиите и земјоделството.
Во 2019 година, тој ја подели Нобеловата награда за економија со колегите Абхиџит Банерџи и Естер Дуфло за нивниот придонес во борбата против сиромаштијата.
Негов претходник на функцијата главен економист на Светската банка беше Индермит Гил, кој ја извршуваше таа должност четири години, почнувајќи од 2022 година, пренесе „Бета“.












