Катастрофалниот настап на Турција на Светското првенство предизвика вистинска бура во турскиот фудбал. Репрезентацијата е елиминирана уште по првите два натпревари и остана без шанси за пласман во нокаут-фазата.
Иако според статистиката Турците не беа инфериорни во дуелите со Австралија и со Парагвај, резултатите се поразителни: два порази и ниту еден постигнат гол.
Разочарувањето кај навивачите е огромно, а критиките се насочени кон сите – од фудбалерите до селекторот Винченцо Монтела. Според турските медиуми, неговото заминување по завршувањето на турнирот е речиси сигурно.
Во меѓувреме, се појавија информации за сензационално враќање на најголемото тренерско име во историјата на турскиот фудбал. Италијанскиот новинар Никола Шира тврди дека Фатих Терим е сериозен кандидат повторно да ја преземе репрезентацијата.
Иако Терим во минатото имаше затегнати односи со актуелното раководство на Турската фудбалска федерација, тоа наводно нема да претставува пречка за неговото враќање. Дополнително, се шпекулира дека претседателот на Федерацијата би можел да ја напушти функцијата по завршувањето на Светското првенство.
Таквиот развој на настаните би ја отворил вратата за нова ера предводена од легендарниот Терим, човекот што со години беше симбол на турскиот национален тим.
Голем дел од навивачите веќе јавно го поддржуваат неговото враќање, надевајќи се дека токму тој ќе успее да ја врати репрезентацијата на победничките патеки по едно од најголемите разочарувања во поновата историја на турскиот фудбал.











