Британскиот возач Џорџ Расел минува низ една од најтешките сезони во својата кариера, а по новото разочарување на Големата награда на Мексико, повеќе не можеше да го скрие незадоволството. Иако влезе во шампионатот со амбиции да се бори за титулата, постојаните технички проблеми и несреќните околности сериозно го исцрпија.

На патеката во Мексико, тој стартуваше од првиот ред и имаше одлична можност да стигне до победата или до подиумот, но проблемите со болидот го оставија дури на шестото место. Во исто време, неговиот тимски колега, Кими Антонели, се искачи на подиумот, дополнително ставајќи го во сенка.

  • Оваа сезона се чувствувам малку исцрпено, бидејќи постојано морам одново да се кревам. Кога ќе ве соборат, станувате, но потоа повторно ве соборуваат. Се надевав дека ќе ми се случи тоа најмногу двапати во сезоната, а не речиси секој втор викенд – призна Расел.

Тој откри дека влијаеле техничките проблеми врз него на дури 14 трки оваа сезона. Дефектите, проблемите со погонската единица и со испораката на енергија и казните за промена на компонентите постојано му ги уништуваа шансите за подобри резултати.

Британецот потенцираше дека не сака да го обвинува тимот, бидејќи сите работат максимално, но призна дека е исклучително тешко да се прифати разочарувањето кога е надвор од негова контрола.

  • Минатата година имавме неверојатно доверлив болид, но завршивме четврти во шампионатот. Оваа година имаме неверојатно брз болид, но тој не е доверлив. Па, што би одбрале вие? – порача возачот на Мерцедес.

Дополнителна тежина на ситуацијата ѝ дава фактот што Расел токму во Бразил, на патеката „Интерлагос“, во 2022 година ја прослави својата прва победа во Формула 1. Сега се враќа на местото на најголемиот триумф, но во сосема поинакво расположение.

По низата удари и разочарувања, тој, очигледно, е на границата на физичката и на менталната издржливост, а последните трки од сезоната ќе бидат можност, конечно, да ѝ стави крај на серијата проблеми што му ја обележаа 2026 година.

ИЗДВОЕНИ