Првата рунда разговори меѓу САД и Иран во Биргеншток, Швајцарија, заврши со одреден напредок и покрај сериозните тензии предизвикани од заканите на американскиот претседател Доналд Трамп.
Медијаторите Катар и Пакистан изјавија дека разговорите се одржале во „позитивна и конструктивна атмосфера“, дека е постигнат „охрабрувачки напредок“ и дека техничките преговори ќе продолжат во текот на целата недела.
Според иранските претставници, иранската делегација привремено ги напуштила разговорите по изјавите на Трамп за можноста за бомбардирање на Иран и преземање на Ормускиот теснец, но разговорите продолжиле откако интервенирале медијаторите.
Катар и Пакистан соопштија дека САД и Иран постигнале договор за воспоставување посебна комуникациска линија за спречување инциденти во Ормускиот теснец и обезбедување безбедно поминување на трговски бродови во следните 60 дена.
Исто така, беше договорено да се формира политички комитет на високо ниво за надгледување на преговорите, како и работни групи за нуклеарни прашања, санкции и спроведување на претходно потпишаниот меморандум за разбирање.
Покрај тоа, двете страни се согласија да формираат механизам за деескалација на конфликтот во Либан со посредство на Катар и Пакистан.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, по состанокот изјави дека санкциите за извоз на иранска нафта се ублажени, додека дел од иранските средства замрзнати во странство се ослободени.
Тој оцени дека е постигнат значителен напредок, но предупреди дека првиот вистински тест за постигнатите договори ќе биде спроведувањето на механизмот за смирување на конфликтот во Либан.
Иранската делегација инсистира дека преговорите првенствено треба да се фокусираат на прекинување на конфликтот во Либан, повторно отворање на Ормускиот теснец, укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите финансиски средства.
За време на преговорите, Трамп се закани во настапите во медиумите и објавите на социјалните мрежи со продолжување на воените напади врз Иран доколку Техеран не ги исполни барањата на САД.
Зборувајќи за Ормутскиот теснец, Трамп изјави дека САД би можеле да го „преземат теснецот“ доколку не се постигне договор.
Според ирански извори, токму овие изјави доведоа до привремено прекинување на разговорите и формален протест на Техеран до медијаторите. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека Иран во еден момент не е подготвен да ги продолжи четиристраните разговори.
Главниот ирански преговарач Мохамед Багер Галибаф ги отфрли заканите на Трамп, велејќи дека тие нема да влијаат на ставот на Техеран.












