Поранешниот шпански тенисер Рафаел Надал донесе конечна одлука каде ќе го продолжи својот професионален пат откако ја спушти завесата на нереална играчка кариера.
Иако со години е посветен на работата на својата тениска академија во родната Мајорка, во чии оперативни, секојдневни работи не бил директно вклучен, „кралот на земјената подлога“ ја прифати поканата за функцијата еден од директорите во фудбалскиот великан Реал Мадрид.
Не е тајна дека Надал е еден од најстрасните и најлојални фанови на „кралскиот клуб“ со децении. Познатиот тенисер беше редовен гостин во свечената ложа на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, а неговото присуство на натпреварите стана уште поинтензивно и почесто откако официјално го закачи рекетот.
Челниците на мадридскиот гигант решија без двоумење да ја материјализираат оваа меѓусебна љубов, ставајќи го глобалниот авторитет, лидерското искуство и огромниот углед на Надал во директна служба на раководството на клубот.
„Управниот одбор на Реал Мадрид одлучи да му предложи на Генералното собрание на делегати потврда за назначувањето на Рафаел Надал, член на нашиот клуб со број на членство 67.778, за нов член на Управниот одбор“, се вели во соопштението на најтрофејниот клуб во светот, објаснувајќи дека тој веќе бил почесен член на Реал Мадрид.
„Голема чест е за Реал Мадрид и за сите негови фанови што личност од таков спортски и човечки формат, модел на шпанскиот и светскиот спорт, ќе стане дел од Управниот одбор и од таа одговорна позиција ќе придонесе за сегашноста и иднината на нашиот клуб“.












