недела, ноември 8, 2026
Дома СВЕТ 24-годишен полски државјанин е напаѓачот кој сееше смрт во Краков и уби...

24-годишен полски државјанин е напаѓачот кој сееше смрт во Краков и уби шест, а рани уште најмалку 15 лица

534
EPA/Art Service POLAND OUT

Полската полиција го идентификуваше сторителот на пукањето во Краков – во кое загинаа шест лица, а според последните информации 15 се повредени, како полски државјанин, и ги отфрли претходните извештаи според кои тој имал соучесник. Според одредени медиуми и официјални лица, станува збор за 24-годишен маж.

Првичните извештаи укажуваа на можноста во инцидентот да биле вклучени повеќе лица, при што конкретно се спомнуваше дека со напаѓачот можеби биле поврзани странски државјани и нелегално оружје.

Од полицијата изјавија дека сторителот дејствувал сам и дека нема други осомничени. Во неговото возило било пронајдено дополнително оружје и муниција.

Полицијата во врска со инцидентот, појасни клучни детали:

„Сторителот на инцидентот на Главниот плоштад во Краков е државјанин на Република Полска. Ги демантираме наводите дека полициски службеник починал или дека се трага по втор напаѓач. Единствениот сторител моментално се наоѓа во полициски притвор“, објави полицијата на платформата X.

Пукањето се случило нешто по 15:00 часот на „Ринек Глувни“ (Rynek Główny) во историскиот центар на Краков – една од најпознатите туристички дестинации во Полска. По добиената пријава, на местото на настанот пристигнале полициски патроли, а за време на интервенцијата, тие го раниле и уапсиле осомничениот, кој потоа бил пренесен во болница.

Според извештаите на АП, „Гардијан“ и „Индепендент“, меѓу ранетите има и двајца полицајци.

Што го мотивирало да го изврши крвопролевањето сè уште не е официјално потврдено.

Во објава на социјалните мрежи, полскиот премиер Доналд Туск го нарече инцидентот „трагичен“ и наведе дека полицијата ги истражува сите околности на нападот.

Полскиот премиер Доналд Туск упати апел до политичарите да не ја користат трагедијата за политички цели по нападот во Краков, Полска, во кој загинаа шест лица, а уште 15 се повредени.

„Најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на жртвите. Им оддавам признание на храбрите полицајци кои ги ризикуваа своите животи. Искрено ги повикувам политичарите од сите страни – не си играјте со оваа трагедија. Ќе ги разјасниме сите околности на ова злосторство“, напиша Туск на Икс.

Според Ројтерс, полскиот премиер отпатувал во Краков, а претходно соопштил дека редовно добива информации од министерот за внатрешни работи за истрагата. Министерот за одбрана Владислав Кошњак-Камиш изјави дека надлежните служби интензивно работат на случајот.

Градоначалникот на Краков, Лукаш Гибала, прогласи четиридневна жалост во градот, до 11 ноември, по денешното пукањето на главниот плоштад во градот.

ИЗДВОЕНИ