Со новообјавениот Јавен оглас за учество во програмата „Самовработување“, државата предвидува финансиска поддршка од 10.000 евра за невработени млади лица до 29 години и 7.000 евра за невработени лица постари од 29 години кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Огласот го објави Агенцијата за вработување, а пријавувањето ќе се врши во сите 30 центри за вработување низ државата и ќе трае до 3 јули.
Од Агенцијата информираат дека целта на програмата е да се поттикне претприемништвото и отворањето нови бизниси преку неповратна финансиска поддршка, при што процесот на селекција ќе се реализира низ повеќе фази со оценување на бизнис-идеите и бизнис-плановите на кандидатите.
Покрај индивидуалното самовработување, предвидена е и поддршка за здружување на корисници во друштво со ограничена одговорност (ДОО). Во овој случај, двајца невработени ќе можат да формираат заедничка компанија во која секој ќе поседува по 50 проценти од уделот. Финансиската поддршка достигнува до 1,23 милиони денари, односно по 615.000 денари за секој содружник, а средствата се наменети за набавка на опрема и материјали предвидени во бизнис-планот.
Мерката е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2026 година. Право на учество имаат невработени млади лица до 29 години со најмалку средно образование, невработени мажи до 60 години и жени до 58 години, припадници на ромската заедница, повратници од странство, лица кои сакаат да го формализираат својот бизнис, како и жртви на родово и семејно насилство.
Програмата не нуди само финансиска помош, туку и задолжителна обука за претприемништво и развој на бизнис-вештини, изработка на бизнис-план преку ваучерски систем, поддршка при регистрација на фирма, а за дел од корисниците е предвидена и шестмесечна менторска поддршка по започнувањето на бизнисот.
Право на учество немаат лица кои претходно добиле грант за самовработување, како и оние кои во последните 12 месеци биле основачи или управители на фирма со иста дејност. Програмата не ги опфаќа бизнисите од областа на класичното земјоделство, освен органското производство, такси-превозот, производството на оружје и муниција, финансиските и осигурителните дејности, игрите на среќа, приватните агенции за вработување и приватните здравствени установи.
Пријавите можат да се поднесуваат во центрите за вработување секој работен ден од 8 до 14 часот, а дополнителни информации заинтересираните можат да добијат во подрачните центри на Агенцијата за вработување и преку официјалните канали на институцијата.












