Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, вели дека Украина е подготвена веднаш да одржи состанок со Русија на највисоко ниво за да се разговара за прекин на огнот и за крај на војната.
– Русите не се подготвени за прекин на огнот. Нивната делегација смета дека тоа е прашање што може да го решат само лидерите на двете земји. Тие самите рекоа дека прекинот на огнот е прашање за повисоко ниво. Ние сме подготвени за состанок веднаш, каде и да посакаат: Истанбул, Ватикан, Швајцарија – сите опции се отворени. В понеделник или кој било друг ден – рече Зеленски на прес-конференција, пренесува агенцијата „Укринформ“.
Како што рече, Украина предлага прекин на огнот до одржувањето на состанокот меѓу лидерите на двете земји. Во понеделникот, во Истанбул се одржа вториот круг од преговорите меѓу руската и украинската делегација на кој беше предложено да се одржи нов состанок на ниво на претседатели до крајот на месецов, на кој би бил поканет и американскиот претседател, Доналд Трамп.