вторник, ноември 3, 2026
Дома СВЕТ ЕК планира измени во правилата за Единствениот пазар во ЕУ

ЕК планира измени во правилата за Единствениот пазар во ЕУ

0

Европската комисија подготвува измени на прописите во рамките на Единствениот пазар на Европската унија, со цел да им олесни на европските компании да ги диверзифицираат своите синџири на снабдување и да ја намалат зависноста од Кина и други земји.

Како што пишува „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со плановите, измените ќе опфатат прописи што се однесуваат на одобрување на типот на моторни возила, странски субвенции, производи изработени со употреба на принудна работа, како и заштита на деловните тајни.

Изворите додаваат дека овие потези имаат за цел подобро да одговорат на ризиците по економската безбедност на Унијата, да го ограничат пристапот до пазарот за добавувачи кои претставуваат поголем ризик, а истовремено да ги намалат регулаторните бариери за компаниите од земјите со кои ЕУ одржува блиски односи.

Овие измени се дел од поширок пакет мерки што Европската комисија планира да ги претстави до средината на декември, со цел заштита на Единствениот пазар и намалување на зависноста од одредени добавувачи.

Минатата година, Европската унија забележа дефицит во трговијата со стоки со Кина во износ од приближно 360 милијарди евра – бројка која, според проценките, би можела дополнително да се зголеми.

Се очекува пакетот мерки да вклучи и инструмент за диверзификација на снабдувањето, дизајниран да ги идентификува критичните зависности на ЕУ од одредени производи и услуги, да ги процени поврзаните ризици и да предложи начини за нивно ублажување. Комисијата, исто така, планира воведување нови овластувања за побрз одговор на агресивни трговски дејствија од страна на трети земји, вклучително и можност за ограничување на пристапот до Единствениот пазар за одредени производи и услуги.

Понатаму, ЕУ разгледува заштитни мерки за ограничување на увозот на кинески производи од сектори како што се хемиската индустрија, производството на мебел и машинската индустрија.

Овие мерки би можеле да бидат воведени во првиот квартал од 2027 година и може да вклучуваат царини или увозни квоти.

Како дел од поширокиот пакет, предвиден е и механизам за солидарност, кој би понудил опции за колективен одговор на Европската унија во случај некоја трета земја да воведе економски мерки против земја-членка или група земји-членки.

ИЗДВОЕНИ