Се очекува Црна Гора да ги затвори сите преостанати преговарачки поглавја со Европската унија (ЕУ) до крајот на 2026 година, при што договорот за пристапување би можел да биде потпишан во јуни 2027 година.
Ова е наведено во патоказот што Европската комисија ќе го објави утре, заедно со Извештајот за напредокот.
Според документот во кој увид имаше Радио Слободна Европа (РСЕ), преостанатите поглавја треба да бидат затворени за време на две меѓувладини конференции закажани за ноември и декември оваа година.
Се очекува нацрт-договорот за пристапување да биде финализиран во пролетта 2027 година, а потпишувањето би можело да се случи до летото истата година – идеално во јуни.
Дотогаш, договорот мора да биде одобрен од сите 27 земји-членки на ЕУ и од Црна Гора, како и преведен на сите официјални јазици на ЕУ, како и на црногорски јазик. Понатаму, Комисијата мора да ја потврди подготвеноста на Црна Гора за членство, а Европскиот парламент мора да даде своја согласност.
Од РСЕ напоменуваат дека, бидејќи станува збор за индикативен план, Комисијата во документот нагласува оти темпото на преговорите зависи од напредокот на Црна Гора во исполнувањето на условите за членство.
Следствено, планот не го предодредува исходот или временската рамка на преговорите, ниту пак ги предвидува одлуките на Советот на ЕУ, Европската комисија или Европскиот парламент. Според РСЕ, договорот за пристапување на Црна Гора ќе биде „првиот од новата генерација“ такви договори, кој содржи построги заштитни механизми, во согласност со политиката за пристапување што Европската комисија ја најави на 30 септември.
Договорот предвидува следење на Црна Гора сè до денот на нејзиното пристапување кон Унијата, преку табели за мониторинг кои ќе се изготвуваат двапати годишно. Доколку во овој период дојде до назадување – и ако насочените мерки се покажат како недоволни – вклучена е клаузула како крајна мерка, која би можела да овозможи одложување на пристапувањето.
По потпишувањето, договорот мора да биде ратификуван од сите земји-членки, како и од Црна Гора. Хрватска, најновата земја што ѝ се приклучи на ЕУ, го потпиша договорот за пристапување во декември 2011 година, а стана членка на 1 јули 2013 година.ц.












