Од фрижидери и системи за греење до безбедносни камери и алармни системи, сè поголем број уреди што некогаш беа чисто механички, сега можат да се следат и да се контролираат од далечина. Теоретски, хакерите можат да провалат и во вашиот фрижидер. Секој уред поврзан на Интернет, без разлика дали директно или преку апликација, услуга во облак или домашна мрежа, потенцијално може да стане цел на хакерски напад. За заштита на домашните уреди, експертите генерално препорачуваат промена на фабричките стандардни лозинки и вклучување на двофакторска автентикација каде што е достапно и редовно инсталирање на ажурирања на софтверот
Фрижидерите и замрзнувачите во супермаркети во повеќе земји, последниве месеци се цел на кибернапад. Хакери ја покачија нивната температура до 50 Целзиусови степени и уништија тони храна. Но, можна цел се и домаќинствата. Од фрижидери и системи за греење до безбедносни камери и алармни системи, сè поголем број уреди што некогаш беа чисто механички, сега можат да се следат и да се контролираат од далечина. Теоретски, хакерите можат да провалат и во вашиот фрижидер. Секој уред поврзан на Интернет, без разлика дали директно или преку апликација, услуга во облак или домашна мрежа, потенцијално може да стане цел на хакерски напад, пишува „Јутарњи лист“.
Во 2015 година, истражувачите на хакерска конференција во Лас Вегас демонстрираа како да го компромитираат паметниот фрижидер на „Самсунг“ и да пресретнат дел од интернет-сообраќајот што минува низ уредот. Во многу случаи, напаѓачите не целат кон самиот уред, туку крадат податоци, го нарушуваат неговото работење или го користат уредот како влезна точка за пристап до остатокот од мрежата. Од домашните уреди, најизложени на напади се безбедносните камери, алармните системи, паметните брави, термостатите и системите за централно греење. Паметните домашни апарати како што се фрижидерите, рерните и машините за перење, исто така, можат да бидат ранливи ако се поврзани на Интернет. Дури и некои електрични четки за заби денес имаат интернет конекција. Сепак, според податоците од безбедносната индустрија, повеќе од три четвртини од сите напади врз поврзаните уреди се насочени кон рутери, а не кон домашни апарати.
Откако ќе добијат пристап до уред, хакерите генерално можат да направат две работи: да соберат информации или да ја преземат контролата врз него. Безбедносната камера може да им даде увид во внатрешноста на домот, уред со микрофон може да се користи за прислушување, а компромитиран рутер може да открие голем дел од податоците што минуваат низ домашната мрежа. Ако ја преземат контролата врз уредот, напаѓачите можат да го вклучуваат и исклучуваат, да ги менуваат неговите поставки или да им забранат на корисниците пристап до нивните сметки. Компромитиран термостат може да го наруши работењето на греењето, додека хакнат замрзнувач или фрижидер може да остане без соодветна регулација на температурата.
Во посериозни случаи, напаѓачите можат да ги искористат слабо заштитените уреди за да пристапат до други системи во истата мрежа или да украдат лични информации поврзани со онлајн сметки. Истражувачите за сајбер безбедност постојано докажуваат дека дури и поврзаните возила можат да имаат сериозни безбедносни недостатоци.
Во 2015 година, истражувачи од далечина ја презедоа контролата врз џип во движење со искористување на ранливост во неговиот мултимедијален систем поврзан со интернет. Околу 1,4 милиони возила беа повлечени за инсталација на надградби на безбедносниот софтвер поради овој инцидент. Речиси десет години подоцна, истражувачите открија безбедносен пропуст што им овозможуваше на одредени модели на „Киа“ да бидат следени, отклучени и стартувани, само со познавање на бројот на регистарската табличка. Истражувачите објавија дека ја известиле „Киа“ за ранливостите, но нема докази дека тие биле искористени во вистински напади.
Современите автомобили и авиони се дизајнирани со бројни безбедносни механизми и резервни системи, а како по правило, критичната инфраструктура, како што се мрежите за електрична енергија и вода, имаат повеќе нивоа на заштита, следење и регулаторни контроли што не постојат кај потрошувачките уреди. Ова не значи дека таквата инфраструктура е имуна на сајбер напади, но како по правило, таа е многу потешка цел од домашен уред поврзан со домашна вајфај мрежа. За заштита на домашните уреди, експертите генерално препорачуваат промена на фабрички дадените лозинки или вклучување на двофакторска автентикација. Има и други начини на заштита, но наједноставниот е најчесто најефикасен: колку помалку уреди поврзувате на интернет, толку помалку влезни точки за напаѓачите.












