Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави податоци за своите приходи за 2025 година, според кои вкупниот приход на неговото семејство изнесувал 15,8 милиони гривни (околу 390 илјади евра), според официјалната имотна декларација.
Според документот, најголемиот дел од приходите доаѓаат од отплата на државни обврзници (OVDP), во износ од околу 8,36 милиони гривни (204.000 евра), додека остатокот го сочинуваат плата, камата и приходи од изнајмување недвижен имот. Вкупниот тековен приход во текот на годината изнесувал околу 7,44 милиони гривни (181.000 евра), објавува РБК Украина.
Годишната плата на Зеленски била 336.000 гривни (8.200 евра), или околу 28.000 гривни месечно (680 евра).
Во декларацијата се наведува дека немало значителни промени во средствата, вклучувајќи недвижен имот и возила, ниту во износот на готовина во споредба со претходната година.
Вкупниот приход на семејството Зеленски во 2024 година изнесувал нешто повеќе од 15,2 милиони гривни (370.000 евра), а најголемиот дел доаѓал исто така од државни обврзници.












