Екипата на Панатинаикос продолжува со одличните настапи во Евролигата, но тренерот Жељко Обрадовиќ е свесен дека има простор за напредок. По тешката победа над Армани Милано со 80:75, искусниот стратег зборуваше за проблемите во играта, густиот распоред и за шпекулациите за евентуални нови засилувања.

Атинските „зелени“, по осум одиграни кола, имаат седум победи и само еден пораз, но Обрадовиќ не сака добрите резултати да ги прикријат слабостите што мора да се поправат. Според него, повредите и недостигот навреме за тренинзи претставуваат сериозен проблем во обидот тимот да ја достигне посакуваната форма.

  • Сакам да му честитам на мојот тим за борбеноста на уште еден тежок натпревар. Ова е многу важна победа. Имавме и добри и лоши моменти, а постојат работи што мораме да ги промениме. За жал, поради распоредот, немаме многу време за работа – истакна тренерот.

Една од темите на прес-конференцијата беше и Кендрик Нан, кој имаше важна улога во победата. Сепак, Обрадовиќ нагласи дека успехот е резултат на колективниот придонес и дека мора да бидат усогласени сите кошаркари во одбраната и во нападот.

Најинтересниот дел од разговорот се однесуваше на можноста Панатинаикос да ангажира нов центар. Во последниот период се појавија бројни шпекулации за потенцијални засилувања, но искусниот тренер јасно стави до знаење дека тој ги носи одлуките, а не јавноста.

  • Добро е што имаат луѓето мислење, ми се допаѓа тоа. Но, и јас имам свое мислење, а и некој ме постави на оваа позиција за да носам одлуки – порача Обрадовиќ.

Тој откри и дека често слуша за кошаркари што наводно би можеле да пристигнат во клубот, но многу од тие информации воопшто не ги сфаќа сериозно.

  • Ми приоѓаат луѓе со информации, споменувајќи имиња за кои никогаш во животот не сум слушнал. Во таков свет живееме. Со социјалните мрежи, секој чувствува потреба да напише нешто и да зборува за нешто – изјави тренерот.

На крајот, тој ја повтори својата доверба во актуелниот состав и порача дека ѝ е целосно посветен на работата со играчите што му се на располагање. И покрај шпекулациите за нови засилувања, засега неговиот фокус останува на подобрувањето на играта и на продолжувањето на победничката серија во Евролигата.

ИЗДВОЕНИ