Зеленилото пред ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ ќе остане парк. Нема да никне станбен комплекс, уверуваат од Општина Аеродром откако во јавноста се појавија гласини дека во парковски простор ќе се градта згради.
Тие уверуваат дека посочената парцела ќе остане парк со постојното парковско зеленило, без најмала можност некој да го бетонизира.
Велат дека ја разбираат загриженоста на граѓаните.
– Имајќи предвид дека во минатото имаше и примери каде што за бизнис интереси се узурпираа постоечки паркови, па токму затоа сакаме да потенцираме дека за таа парцела што е во приватна сопственост, а која се наоѓа во зеленилото пред ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ нема маркица за градба во постојниот ДУП. Ние како општина сме должни да ги заштитиме интересите на сите граѓани и затоа со внимание го следиме овој случај, како и наводните изјави од сопственикот на парцелата дека планира да го загради имотот – појаснуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека ограда не може да биде поставена без одобрение за неа, а секое постапување спротивно на позитивните законски прописи ќе биде третирано како градба без одобрение, заради што е предвидена и кривична одговорност.