– Можев да бидам и наставник по македонски, асистент по сценски говор, предавач, но тие понуди ги одбегнав, сметајќи дека не може да се биде добар педагог кога се сакаш себеси на сцената. Пишувам, драматизирам, режирам, пред сè, театарски претстави за деца и млади, гостувам со нив во МНТ, во други културни и образовни институции во Скопје, а и во други градови и места низ Македонија. Имам ли сила, имам ли ист елан? Се прашувам и јас, но во многу претстави на МНТ, за двигател на дејството, за нужното моторче се наоѓа секогаш Снешка – вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР актерката и режисерка со моќен глас, а со минимална става, Снежана Коневски-Руси

Доајенот на македонското глумиште, Снежана Коневски-Руси, и по стотината улоги на сцена, во телевизиски емисии, на филм… работи со несмален жар и елан. Нејзината неисцрпна енергија повеќе од половина век ги придвижува планините, ги прави ѕвездите посјајни, а небото посино. Таа е актерка и режисерка со моќен глас, а со минимална става, нужно моторче што не запира. Нејзината огромна љубов кон театарот, глумата и работата со младите актери, кои секојдневно со многу жар ги воведува во магијата на театарската сцена, е неисцрпен вулкан на идеи, кои почнале да се раѓаат уште во детските денови. Впрочем, како што вели самата, „целата моја професија се базира на играта на детето – во мене“. А Снешка, како што ја викаат сите, има што да каже и покаже.

Над 50 години активна работа како актерка и режисерка. Многу труд, работа на бројни театарски проекти, телевизиски емисии, филм… Веројатно, и многу нервоза, но и преубави моменти. Зошто го избравте актерството за Ваша професија и како, всушност, започна Вашата приказна поврзана со театарот?  

Можеби денес, по толку години возраст, лесно го наоѓаш мотивот за избор на својата професија. Си споменуваш за многуте настани од детството – во Србија (Ниш), во Македонија (Скопје), логичната преселба, поради  професијата на татко ми – воен пилот. Децата од тоа маало – „насеље Пролече“ ме викаа „малото Србче“. Можеби, тоа ме натера интензивно да го изучувам македонскиот јазик, секојдневно да ја посетувам библиотеката кај Зеленото пазарче, да читам, раскажувам, играм и да ги презентирам на свој начин прочитаните сказни, бајки, басни, во ходникот – импровизирана сцена – од зградата 15, каде што живеевме.

Втората причина ја лоцирам во ОУ „11 Октомври“ – подготовка на слет за 25 мај, роденденот на Тито, на самиот плоштад во Скопје. Мојата височина беше пречка да настапам во танцувачката екипа, но мојот глас и мојот изговор станаа предност за да го водам целиот настан пред микрофон, на големата поставена бина. Еве го и третиот мотив, микрофонот стана мој неразделен другар – во самото училиште, водител на радиочас, секој понеделник, за потоа да станам активен член на Детската радиодрама во Радио Скопје, со веќе познати имиња: Зафир Хаџиманов, Коле Ангеловски, Љупка Димитровска, Виолета Џолева, Наум Пановски и др. За кратко време беше освоен уште еден простор, овој пат во Македонската телевизија, со режисерот М. Шаурек, па продолжената игра пред камера со Б. Андреев, снимањето детски сонгови со А. Џамбазов за различни ТВ- емисии за деца: „Крстословка“, „Псст“, „Добра ноќ, деца“, „Приказни од шумата“ и др. Значи, моите учители (Александар – македонски, Грозда Данева – актерство), создавајќи драмски претстави („Пепелашка“, „Чичотомовата колиба“ и др), по повод јубилеите на училиштето, како да ја исцртуваа можната патека на Снешка. А МРТВ, со редовното снимање играни серии, едукативни емисии, нахсинхронизацијата на цртани филмови („Штрумфета“, „Пепа Пиг“, „Чевличињата“…), го моделираше мојот тип на драмски актер. И логично, Снешка продолжи во таа насока – се запиша на студии на ФДУ – Факултетот за драмска уметност во Скопје, во класата на проф. В. Милчин. Сè е некако поврзано со најраниот период, детскиот, па и театарската уметност и актерската професија се базирани на играта на детето и на детето во тебе.

Што беше Вашата ѕвезда водилка низ сите овие изминати успешни години на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена и кога би можеле да ги издвоите најубавите моменти, кои би биле тоа и, впрочем, која е Ваша најдрага улога?

Тешко прашање. Можеби, добрата и лоша Штрумфета во филмот „Штрумфови“, Нојот во „Диносауруси“ на српски јазик или Агафја во „Женидба“. Ана Франк, Принцезата, Невестата, Нина во „Галеб“, Маргарита во „Ричард“… во МНТ, Еѓупка – на ромски, српски, македонски јазик со Пралипе, Нале во „Среќна нова“, г-ѓа Рисе… кој знае уште колку ќе набројувам до 100-те мои улоги. Битно е што сите тие го носат белегот на актерот со моќен глас, а со минимална става и во секој проект се откриваш во ново руво, нов лик, нов карактер (трагичар, комичар) и остваруваш соработка со други актери, гостувачки режисери, па имаш можност и за ука и за практика.

Вие сте голем професионалец во работата. Како успевате да балансирате меѓу професијата, која многу бара, и приватниот живот и дали актерот, всушност, има време за приватен живот?

Сметам дека не сум успеала да постигнам баланс меѓу професијата и приватниот живот. Театарот секогаш бил на прво место, а семејството на второ или последно место. Правев точна саатница на дневните обврски, зашто паралелно работев во Радио Скопје како презентер, водител, ги избирав утринските смени за да стигнам на часови на факултет, па малку дома да учам, а навечер да играм во МНТ.

Потешко беше при моите ангажмани во другите театри низ Македонија (Велес, Штип, Куманово, Битола, Струмица), каде што мораше да се престојува подолго време до реализација на проектот, до премиерата. Имав помош од мојата мајка, од колегите од администрацијата, од правната служба на МНТ, од пријателите…

Време има, но краток е денот, барем за мене, а и кога си дома, со мислите си некаде далеку, а блиску до следниот зададен лик од античко, класично, сегашно или модерно време.

Од оваа временска дистанца, дали сте целосно задоволни од она што го направивте во животот и доколку можевте поинаку, што ќе сменевте?

Не само задоволна, ами и горда на своите деца – членови во Детското драмско студио „Снешка“, денеска студенти по глума, дипломирани актери, режисери, драматурзи, директори, костимографи, дизајнери, реализирани личности… Израснав три генерации деца, млади, учители, родители. Се радувам и кога бараат помош моите колеги околу македонскиот литературен јазик (пишана и говорна форма, акцент и сл.). Значи, ќе можев да бидам и наставник по македонски, асистент по сценски говор, предавач, но тие понуди ги одбегнав, сметајќи дека не може да се биде добар педагог кога се сакаш себеси на сцената.

Добитник сте на бројни награди, но, еве, да се потсетиме на последните две. Минатата година ја добивте наградата за животно дело од фестивалот „Војдан Чернодрински“, годинава од „Златна бубамара“ – за трајни вредности. Наградите се верификација на вложениот труд, но дали може да издвоите награда што има посебно место во Вашиот живот поради тежината и пораката што ја носи?

Најубава порака ми упатија моите колеги – напишано и изречено: „Снешка, заслужено!“ Ќе ги повторам зборовите изговорени на „Бубамара“: „Снешка мала, мала како една бубамара, дочека да има в раце ‘Златна бубамара’ за своето делување, создавање и траење“.

Иако официјално сте во пензија, знаеме дека актерите, всушност, никогаш не се пензионираат. Дали сè уште работите на нови театарски проекти со истиот елан?

Мислам, не сум ни престанала. Пишувам, драматизирам, режирам, пред сè, театарски претстави за деца и млади, гостувам со нив во МНТ, во други културни и образовни институции во Скопје, а и во други градови и места низ Македонија.

Периодов сум во подготовка на три проекти: театарска работилница во КИЦ – Загреб, сценскиот драмски проект „Книгата – наше богатство“ за 23 Април, Денот на книгата во Скопје и монодрамата „Да се преживее“ (мој авторски текст, награден на анонимен конкурс за монодрама, во Битола, 2023 г.). Планирани се уште два-три сценски прикази, но не откривам предвреме, чекам одобрување. Имам ли сила, имам ли ист елан? Се прашувам и јас, но во многу претстави на МНТ, за двигател на дејството, за нужното моторче се наоѓа секогаш Снешка.

Во кариерата на актерите, па и на режисерите, несомнено, се случуваат безброј интересни средби, случки, интересни моменти. Се раскажуваат анегдоти.  Може ли да ни откриете некоја од тие случки од бројните дружби, подготовки на претстави, гостувања на кои со задоволство се сеќавате?

Ново време, нов театар, нова технологија… како да нема интересни случки, моменти, анегдоти, шеги. Нема бифе, нема дружби, ниту караници. А порано глумците правеле смешки, штосови. Сега само „Фejсбук“, лајкови, „Инстаграм“…

Во редовниот процес на подготовка на претставите има различни моменти, згодни, незгодни, исто и при гостувањата, како актер, па и како директор, некои ги паметам по лошо, некои по добиените награди, дочекани со овации. Ќе ги споменам „Среќна нова“, „Балканот не е мртов“ и „М.м.е. кој прв почна“, кои ме направија задоволна, горда… За опасните и незгодни случки – другпат.

Каков совет или порака имате за младите што допрва ќе стапнат на штиците што значат живот, што е она што треба да го има еден добар актер и режисер во себе?

Ниту јас сум слушала совети од моите родители, пријатели, ниту, пак, нашите ветерани (М. Бошкова, Личко, Љ. Џундева, Ќортошев, Шишков и др.), со кои сум ја делела сцената, не советувале, кажувале пораки. На сцена си со сите, а, сепак, толку сама. Главно, го работам она што го сакам и играм како што сакам. Затоа често го цитирам Арто: „Кога живеам, не чувствувам дека живеам, но кога играм – чувствувам дека постојам“. Глумата е занает, велам, тврдам. Да се знае таквиот занает е неопходно. Основа на тој занает се мислата, фантазијата и психофизичката активност. За да се создаде игра на сцена, треба да се имаат дарба, знаења и уметничка култура. Значи, ум, срце и нерви. А тука настапува режисерот, кој, пак, треба да има глава во „облаците“, и нозе на „земјата“.

Режисерот мора да го „запали“ актерот и заедно да трагаат по злато во морето од камења, заедно да патуваат во непозната земја.

Дали има нешто што не Ве прашав, а би сакале да додадете?

Зошто пишувам, раскажувам, играм, режирам… зошто? И постојано се навраќам на легендата за скомрахот. Цел живот, секој ден играл, пеел, ги забавувал луѓето и еден ден, кога се свртел зад себе, видел ништо! Сите ние сме скомрахи. Живееме онолку колку што ќе се сеќаваат на нас. Па и овој наш разговор ќе стане дел од тоа сеќавање.

Даниела ТРАЈКОВСКА

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ