петок, јуни 26, 2026
Дома СКОПСКА Здружението бара независен инспекциски надзор на сите живеалишта и затворање на Зоолошката...

Здружението бара независен инспекциски надзор на сите живеалишта и затворање на Зоолошката градина

1

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ реагира за неодговорното однесување на Зоолошката градина и за молкот по информацијата за наводно бегство на волци од нивното живеалиште и за усмртување на повеќе животни, меѓу кои кенгури и ему птици, која ја лиферуваа одредени медиуми.

Од Здружението побараа нејзино итно затворање до завршување на независен инспекциски надзор, инспекција на сите живеалишта, огради, кафези и безбедносни системи, со јавно објавување на наодите, независна истрага за бегството на волците, усмртувањето на животните, утврдување одговорност за сите пропусти, мораториум на размножувањето и внесувањето нови животни додека не се обезбедат услови што ги исполнуваат законските и стручните стандарди, како и план за затворање на ЗОО Скопје и нејзина трансформација во спасувачки и рехабилитациски центар за животните што веќе се таму.

– Институција што не може да гарантира сигурност за животните што ги држи во заробеништво, не може да гарантира ниту безбедност за граѓаните – сметаат од „Анима мунди“.

Од Здружението велат дека оградата на живеалиштето на волците не оставала впечаток на безбедносен систем соодветен за чување диви животни, што може да се види и од видеото објавено на „Фејсбук“, туку напротив, отвора сериозни сомнежи дали воопшто биле обезбедени минималните стандарди за заштита и спречување бегство. Taa e од метална жица и платно.

– Под ваква ограда бега куче со 15 минути копање, а не волк. Безбедноста на дивите животни не смее да се обезбедува со импровизација. Не смее да зависи од среќата. И не смее да се правда со молк. Не, не е вина на само сегашниот директор, ова опстојува вака во континуитет, затоа не смее да се забошоти со разрешување на директорот – децидни се од „Анима мунди“.

Тие, исто така, прашуваат како е можно волци со денови или недели да копаат дупки без да биде забележано тоа. Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни да нема елементарен надзор и безбедносни протоколи? Како е можно да се овозможи доволно време и простор за да бидат убиени повеќе животни, без навремена реакција, без интервенција, без соодветна седација и контрола на ситуацијата? Кој ја презема одговорноста? Кој ќе одговори за убиените кенгури и ему птици, како и кој гарантира дека утре жртви нема да бидат посетителите, децата, вработените или граѓаните?

Инцидентот во Зоолошката градина, кој според пишувањето на одредени медиуми се случил пред една недела, според „Анима мунди“ е алармантен показател за системски колапс, негрижа и отсуство на професионално управување со институција што чува живи суштества зад решетки и за која постојано се издвојуваат јавни средства.

Според информациите објавени во одредени медиуми, белите волци наводно успеале да ископаат дупка под своето живеалиште и да избегаат, по што нападнале и усмртиле неколку кенгури и ему птици. На вработените во Зоолошката градина им требале неколку часа да ги фатат волците и да ги вратат во живеалиштето.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ