Општина Илинден, во соработка со Центарот за климатски промени и ЈКП „Илинден“, почна со воспоставување систем за примарна селекција на пластичниот отпад.
Од Општината велат дека целта е заштита на животната средина и развој на одржливите практики за управување со отпад.
Во рамките на првата фаза од иницијативата, во населеното место Јака беа бесплатно распределени канти за селекција на пластичен отпад во 60 домаќинства, со што граѓаните добија можност активно да се вклучат во процесот на селекција и рециклирање на отпадот.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека воспоставувањето на овој систем претставува значаен чекор кон намалување на отпадот, зачувување на животната средина и создавање почисти и поуредени населени места. Како и дека со воведувањето примарна селекција, се намалуваат количините отпад што завршуваат на депониите, се придонесува за зачувување на природните ресурси и за развој на циркуларната економија.












