Од пастрмајлии за „врска“, до пари во кафе-бар за операција – сведоштва што откриваат дека корупцијата во здарвството стана правило. Истражувањето на граѓанската организација ЕСЕ покажува дека корупцијата во здравството е длабоко вкоренета практика – често скриена зад „подароци“, „услуги“ и „снаоѓање“. Иако 93,8 % од граѓаните тврдат дека не понудиле поткуп во последната година, секојдневните искуства ја разоткриваат вистинската слика: луѓето одат на лекар однапред подготвени да платат – ако треба, и со кредит. „Битно е нешто да понудиш“, сведочи еден од учесниците во истражувањето.

 

„Мажот ми појде во еден ‘кафич’ и му ги даде парите на докторот. Откако му ги дадовме парите, веднаш се најде термин за операција за детето, а претходно ми велеа дека нема термин, нема анестезиолог,“ ова е сведочење на една од учесничките во истражувањето направено од  граѓанската организација ЕСЕ „Снаоѓање или корупција?“, спроведено телефонски на примерок од 1.054 граѓанки и сто во фокус групи.

Најголем дел од испитаничките истакнале дека лично се соочиле со корупција во здравството или знаат за нивни блиски кои имале таков проблем. Ниту еден од испитаниците кои изјавиле дека им била побарана корупција не го пријавил случајот.

„ Непријавувањето на коруптивните практики од страна на граѓаните најчесто е резултат на страв од негативни последици, губење на пристап до здравствените услуги или одмазда“, вели Дарко Антиќ од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Граѓанките кои учествувале во истражувањето велат дека корупцијата во здравството има многу лица: 62,7 % од оние што лично имале искуство со корупција признаваат дека им бил побаран или сами дале пари, 20,3 % спомнале подароци, додека 13,6 % упатување на преглед во приватна установа или барање за купување специфични лекови или препарати.

Мал процент пријавиле неформални плаќања за услуги кои треба да се бесплатни (6,8 %) или обврска за лична помош или услуга (5,1 %). Овие бројки откриваат дека директните плаќања се најчестата форма на корупција, но дека и подароците или „услугите“ од страна на пациентите се дел од широко распространети практики, кои често се сметаат за нормални.

Жените се меѓу најранливите групи, една четвртина од нив  пријавиле коруптивни искуства при користење на гинеколошко-акушерски услуги, од кои 21,9 % при гинеколошки преглед и 3,4 % при услуги поврзани со бременост и породување.

„Сите викаат дека преглед кај гинеколог е бесплатен, зошто нашиот гинеколог ни зема пари, брис 700 денари, друг пат друга сума. Едноставно се плашиш да одиш на доктор, оти не знаеш колку пари ќе ти побара. Секој преглед си го наплаќа,“ сведочи една учесничка од истражувањето.

Една жена раскажува како по породувањето купиле храна за медицинскиот персонал. „Од радост“, вели таа и додава: „тие ни беа врска“.

Иако директното барање поткуп е ретко формализирано, граѓаните велат дека е „јавна тајна“: „Не даваат конкретни термини… кога има, ќе ви јават. А кога ќе дадеш подарок, место ќе се најде за два дена. Од лично искуство зборувам. Директно никој не бара. Ама за да добиеш услуга, треба да си платиш.“ Специјалистичките услуги се најподложни на вакви практики – 59,3 % од испитаниците пријавиле искуство со корупција токму при контакт со доктор специјалист, додека оперативни или хируршки зафати се на второ место со 33,9 %, а болничко лекување со 32,2 %. Иако помалку застапени, случаите со гинекологија (11,9 %) и услуги поврзани со бременост (3,4 %) откриваат дополнителни бариери и ризици за жените.

-„Во најнеповолна ситуација се пациентите кои имаат потреба од брзообезбедување термини, дијагностички услуги и хоспитализација или оперативни зафати. Според искуствата на граѓаните, ваквите услуги често не се добиваат, или не се обезбедуваат во соодветен временски рок, сè додека не се плати поткуп“, изјави  Павловски од ЕСЕ.

Најмалку, но исто така загрижувачки, е откритието дека одреден број здравствени работници барале интимни или сексуални услуги како услов за добивање здравствена грижа – три испитаници (0,3 %) пријавиле вакво искуство, секој во различен тип услуга: еден при посета на матичен лекар, еден при специјалистички преглед и еден во рамките на гинеколошка услуга. Во сите три случаи лицата кои побарале биле од машки пол, а начинот на побарување најчесто бил невербален, преку алузии или недвосмислени насоки. Ниту еден од овие случаи не бил пријавен, што ја потенцира немоќта на пациентките и недостатокот на доверба во институциите.

Истражувањето на ЕСЕ исто така покажува дека мнозинството граѓани (93,8 %) не понудиле никаков облик на корупција за да обезбедат здравствена услуга за себе или блиско лице, што ја потврдува тезата дека корупцијата е системски проблем, а не личен избор. Но, 4,1 % признале дека лично понудиле корупција, а 2,2 % одбиле да одговорат. Овие бројки, заедно со анегдотите од фокус-групите, создаваат впечаток на систем кој принудува пациентите да „снаоѓаат“, при што секое „снаоѓање“ станува потенцијално парична или морална цена за пристап до здравство.

„Колку е поголем проблемот, толку е поголема корупцијата. Ако гледа дека ти имаш тешкотија и мисли дека може да земе повеќе од тебе, ќе навлезе повеќе во муабет за да ти докаже,“ вели една од испитанките која го доживеала овој систем во време на корона, кога семејството било приморано да плати за операција за да го спаси животот на својот член. (П.А.)

Алиу: Корупцијата ќе ја искорениме со строги правила и отвореност за граѓаните

На прашањето како ќе се искоренува корупцијата во здравството министерот за здравство Азир Алиу вели преку транспарентност со граѓаните, дигитализација на системот и строги правила. „Граѓаните имаат можност анонимно да пријават злоупотреба на интернет страницата и лично да искомуницираат со нас секој петок од 10 до 15 часот. Во оваа насока ја дигитализиравме листата на чекање и сега може да се следи во реално време“, вели министерот.

 

ИЗДВОЕНИ