недела, септември 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПОА-МПЦ или МПЦ-ОА, што како име ни го признава Српската православна црква?

ПОА-МПЦ или МПЦ-ОА, што како име ни го признава Српската православна црква?

2

Српската православна црква денеска го коригира погрешното именување на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија како Православна Охридска Архиепископија – Македонска православна црква. Така, во објавата на официјалниот сајт на СПЦ во веста која што се однесува на научната конференција „Наследството на пустината“ што деновиве се одржува во манастирот Манасија (Браничевска епархија на СПЦ) сега е наведено точното име: Македонска православна црква – Охридска Архиепископија. Претходно, на сајтот на СПЦ се случи уште една грешка со која иметото на нашата црква беше наведено и како „Православна Македонска православна црква – Охридска архиепископија“. До ова дојде по реакциите во јавноста околу погрешната употреба на името на нашата црква, а што беше содржано во наводот дека на конференцијата поздравната порака од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ја пренел епископот Хераклејски Климент, секретар на Синодот на „Православна Охридска Архиепископија – Македонска Православна Црква“.

До реакциите дојде откако во изминативе години имаше повеќе случаи во кои во официјалните соопштенија или, пак, во обраќањата на претставниците на СПЦ за македонската црква се користеле погрешни формулации. Така, на пример, во октомври 2024 година, по заедничкото сослужување на српскиот партијарх Порфириј и на македонскиот архиепископ Стефан во Ниш, Србија, беше наведена формулација „Охридска Архиепископија – Македонска православна црква“. Претходно, имаше неколку примери во кои македонскиот архиепископ беше именуван како „охридски архиепископ“ или , пак, како „архиепископ  на Северна Македонија“. Сето тоа е различно од уставното име на нашата црква МПЦ-ОА   под кое СПЦ ја призна како автокефална.

Вакви зачестени различни именувања во јавноста повлекуваат прашања дали се работи за случајни грешки или, пак, за некаква намера со посебна заднина? Зачестеноста на случаевите укажува дека е мала веројатност дека се работи за случајни пропусти на административните служби на СПЦ. Во томосот кој во 2022 година СПЦ и го додели на нашата црква е наведено дека таа се признава под името МПЦ-ОА, со препорака прашањето на своето име да го реши со грчките говорни и други помесни православни цркви. Оттаму, прашањето е дали со погрешните формулации на уставното име на МПЦ-ОА, можеби, им се праќаат соодветни пораки на македонските црковни достоинственици. Ова посебно во ситуација кога во изминатиов период се случува подобрување на односите на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија кои веќе подолго време беа замрзнати. Познато е, неодамна, епископот Антаниски Партениј престојуваше на Света Гора, македонскиот духовен хор пред вселенскиот патријарх Вартоломеј изведуваше македонски песни и ора, и по што дојдоа најавите за можни нови контакти. Односно, дека одново може да се случат контакти за да се најде решението за томосот за МПЦ-ОА кој треба да го издаде Вселенската патријаршија. Во таква ситуација, игрите околу името на нашата црква кои што се случуваат преку соопштениејата на СПЦ може да се доживеат и како испраќање на порака до макеоднските владици со потсетување дека томосот доделен од Белград значи и некои други обврски за нашата црква, во ситуација кога Српската и Руската православна црква се во конфронтација со Вселенската патријаршија околу престижот во Православието. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ