сабота, септември 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Заврши во притвор жената која незаконски наплаќала влезници за локалитетот „Куклица“ во...

Заврши во притвор жената која незаконски наплаќала влезници за локалитетот „Куклица“ во Кратово

71

Основното јавно обвинителство Куманово обезбеди мерка притвор за 41-годишна жителка на Кратово, која е осомничена за спречување службени лица во вршење службени дејствија и за узурпација на локалитетот „Куклица“.

Според Обвинителството, осомничената подолг период незаконски го узурпирала локалитетот „Куклица“, кој со указ е прогласен за споменик на природата. Таа, без правен основ, им наплаќала влезници на посетителите, се расправала со нив и им упатувала закани, со што, како што наведуваат надлежните, постојано го нарушувала јавниот ред и мир.

При последниот инцидент, жената физички нападнала полициски службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат, поради што против неа се води постапка и за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

Обвинителството посочува дека против осомничената веќе се води постапка за продолжено кривично дело узурпација на локалитетот „Куклица“, при што ѝ биле изречени мерки на претпазливост, вклучително и забрана да ја посетува локацијата. Сепак, таа не ги почитувала изречените мерки.

Дополнително, според обвинителството, осомничената и претходно, заедно со нејзиниот сопруг, учествувала во спречување службени лица при извршување службени дејствија, овојпат кон пазарни инспектори.

Поради опасност од бегство и можноста да продолжи со извршување на кривични дела, јавниот обвинител побара определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и донесе решение со кое на осомничената ѝ е определен притвор.

ИЗДВОЕНИ