Општина Илинден успешно ја заокружи реализацијата на значаен инфраструктурен проект во населеното место Марино: изградбата на нов плочест мост и на сервисната улица „500“, со што се отвора нова и современа патна врска меѓу населените места и се создава уште една важна алка во инфраструктурната мрежа на Општината.
– Новиот мост е со широчина од 6 метри и со тротоари широки по 1,5 метри од двете страни. Асфалтираната површина и поставената заштитна ограда обезбедуваат поголема сигурност и безбедност, претворајќи го мостот во своевиден безбеден простор што ги поврзува луѓето, домовите и секојдневните потреби на граѓаните – соопштија од Општина Илинден.
Оттаму додаваат дека паралелно со изградбата на мостот, целосно е завршена и новата сервисна улица „500“, во должина од 260 метри.
– Улицата располага со коловоз широк 5,5 метри и со тротоари со широчина од 1,5 метри од двете страни, создавајќи современа и функционална сообраќајна артерија за овој дел од Марино. И мостот и улицата се целосно асфалтирани со два слоја асфалт, а поставената сообраќајна сигнализација придонесува за поголема прегледност, ред и безбедност во сообраќајот. Долж улицата и мостот ќе биде поставено улично осветлување – информираат општинските власти.
Притоа, нагласуваат дека во рамките на проектот е изграден и систем за собирање и одведување на фекалните отпадни води, односно фекална канализација за објектите што гравитираат кон оваа улица.
– Ова претставува значаен чекор за унапредување на комуналната инфраструктура и за создавање подобри и поздрави услови за живот, поставувајќи цврсти темели за одржлив развој на овој дел од Општината. Изградбата на мостот и на сервисната улица „500“ овозможува директно поврзување со веќе изградената улица „119“ во населбата Јака. Со ова, населбата со повеќе од 330 домаќинства добива нова и поквалитетна врска со централниот дел на Општина Илинден, односно со населеното место Марино. Новата сообраќајна врска значително ќе ја олесни комуникацијата, ќе ја подобри мобилноста на граѓаните и ќе придонесе за поквалитетно секојдневие. Она што досега беше оддалечено и добива континуитет – сметаат од Општина Илинден.
Вкупната вредност на реализацијата е финансирана со 60 % средства од Владата на Република Македонија и 40 % средства од буџетот на Општина Илинден.












