Зависноста на Европската унија од руските енергетски извори значително се намали од почетокот на руската инвазија врз Украина, особено во однос на природниот гас. Сепак, ЕУ продолжува да троши милијарди евра на руски енергенси, а значителна зависност опстојува и во секторот за нуклеарна енергија, пренесува „Дојче веле“.
Според Бен Меквилијамс, експерт за енергетика во бриселскиот тинк-тенк „Бројгел“ (Bruegel), ЕУ го намалила увозот на руски гас за три четвртини. Сепак, извештај на финскиот истражувачки центар CREA покажува дека земјите-членки на ЕУ потрошиле приближно 238 милијарди евра на руски јаглен, нафта и гас.
Европската комисија најави план за запирање на увозот на руска нафта, иако тој сè уште не е официјално претставен. Унгарија и Словачка продолжуваат да се потпираат на руска нафта што се испорачува преку нафтоводот „Дружба“, додека во рамките на ЕУ се водат дискусии за дополнително намалување на енергетската зависност од Москва.
Меквилијамс смета дека потенцијалните промени во политиката на САД кон Русија не би требало да влијаат врз европскиот пристап. „Би било лудило повторно да се почне со купување енергенси од Русија“, изјави тој.
Нуклеарната енергија претставува посебен предизвик. Податоците од „Евратом“ покажуваат дека увозот на руски ураниум со години останува практично непроменет, додека руската државна корпорација „Росатом“ ги прошири своите активности во рамките на ЕУ.
Пет земји-членки на ЕУ управуваат со нуклеарни реактори од руски дизајн; горивните елементи за овие реактори се планира да се произведуваат во Линген, Германија, преку партнерство помеѓу компаниите „Фраматом“ (Framatome) и „Росатом“. Францускиот европратеник Паскал Канфен предупредува дека замената на рускиот ураниум е технички посложена отколку откажувањето од рускиот гас и нафта. Истовремено, ЕУ се стреми кон дополнителен развој на обновливите извори на енергија, но тоа го отвора и прашањето за зависноста од Кина, која игра значајна улога во производството на соларни панели и ветерни турбини.












