недела, октомври 25, 2026
Дома БАЛКАН Набљудувачите на „Црта“ утврдија бројни неправилности: Повеќе насилни инциденти пред избирачките места

Набљудувачите на „Црта“ утврдија бројни неправилности: Повеќе насилни инциденти пред избирачките места

14

Набљудувачката мисија „Црта“, соопшти дека, заклучно со 16 часот денес, излезноста на предвремените парламентарни избори изнесува 56,4 отсто. На прес-конференција, претставникот на „Црта“, Раша Недељков, изјави дека оваа бројка е за 14 процентни поени повисока отколку на изборите во 2023 година.

Тој исто така напомена дека набљудувачите на „Црта“ ги следат изборите на 500 репрезентативни избирачки места и имаат утврдено бројни неправилности.

Покрај високата излезност, продолжуваат да се евидентираат голем број неправилности, а дополнително, забележан е пораст на насилни инциденти што се случуваат надвор од избирачките места.

„Веќе реагиравме на заплашувањето на еден набљудувач на ’Црта‘ во Земун, а во Крагуевац, едно непознато лице лажно се претставило пред еден од нашите набљудувачи како член на правниот тим на ’Црта‘“, рече Недељков.

Според податоците на „Црта“, набљудувачите забележале неправилности поврзани со притисоци врз гласачите, членовите на избирачките одбори и набљудувачите на 29 отсто од избирачките места, додека процедурални пропусти се забележани на 18 отсто. На 17 отсто од избирачките места, како што се наведува, се евидентирани неправилности кои се однесуваат на интегритетот на изборниот процес, при што најчести се: „фотографирање на гласачките ливчиња (на 40 отсто од избирачките места) и некористење на УВ-лампата, како што е пропишано (на 21 отсто од избирачките места)…“

Тие сметаат дека „се очекува многу неизвесна трка“, поради што упатија апел до сите политички актери и граѓани да помогнат во намалувањето на тензиите и да се воздржат од каков било вид насилство.

Следната прес-конференција на „Црта“ е закажана за 20:15 часот.

ИЗДВОЕНИ