вторник, септември 8, 2026
Дома СКОПСКА Потпишан договорот за набавка на 3.300 нови контејнери

Потпишан договорот за набавка на 3.300 нови контејнери

0

Потпишан е договорот за набавка на 3.300 нови контејнери, со што почнува една од најголемите набавки од ваков вид во изминативе години, насочена кон унапредување на системот за собирање и управување со отпадот во Скопје.

Од Град Скопје информираат дека набавката има цел да придонесе за почисти населби, намалување на отпадот околу контејнерите, поефикасно и навремено празнење, како и за подобрување на условите за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена“.

За споредба, како што велат градските власти, во изминативе 12 години биле набавени околу 1.300 контејнери, број што не ги задоволува потребите на главниот град.

– Недостигот на соодветна опрема резултираше со преполни и оштетени контејнери, наталожен отпад околу нив и со нарушување на комуналната слика во повеќе населби – констатираат од Град Скопје и нагласуваат дека со актуелната набавка, значително ќе се зголеми бројот на расположливи контејнери и дека ќе се создадат услови за поефикасно функционирање на системот за собирање отпад.

Според градските власти, особено значајно е што се набавуваат новите контејнери по цена од 9.600 денари за парче, додека претходно набавуваните биле по цена од над 18.000 денари за парче.

Набавката на 3.300 нови контејнери е дел од пошироките активности за модернизација и за подобрување на работата на ЈП „Комунална хигиена“, по набавката на нови возила за него.

– Чекор по чекор, се создава пофункционален и поефикасен систем за управување со отпадот, со цел Скопје да биде почист, поуреден и достоинствен град за сите граѓани. Фокусот останува на решавањето на наталожените проблеми, подобрувањето на комуналните услуги и на одговорното управување со средствата на граѓаните – наведуваат од Град Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ