четврток, ноември 19, 2026
Дома СВЕТ Заврши историската средба на Трамп, Путин и Шји: Што договорија тројцата најмоќни...

Заврши историската средба на Трамп, Путин и Шји: Што договорија тројцата најмоќни лидери?

0
EPA/LUKAS COCH

Заврши трилатералната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, кинескиот претседател {jи Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин, која се одржа во кинескиот град Шенжен, јавија кинеските државни медиуми.

Лидерите на трите најголеми нуклеарни сили разговарале за контролата на вооружувањето, војната во Украина и меѓународната безбедност. Засега, сепак, нема потврда дека е постигнат конкретен договор.

Разговорите завршиле околу 17:50 часот по локално време, а само седум минути подоцна колоната возила на Трамп се упатила кон аеродромот.

На средбата, покрај тројцата претседатели, присуствувале и министрите за надворешни работи, одбрана, финансии и економија, како и високи претставници од Вашингтон, Пекинг и Москва.

Трамп во воведното обраќање оценил дека тројцата лидери „навистина испишуваат историја“ и дека самитот отвора можност за нов пристап кон решавањето на клучните светски прашања.

Тој посочил дека досегашната практика на избегнување разговори со ривалите не дала резултати.

Според Трамп, САД, Кина и Русија се во единствена позиција да разговараат за намалување на нуклеарните арсенали, но признал дека откажувањето од нуклеарното оружје е „многу тешко“.

Говорејќи за ширењето на нуклеарното оружје, американскиот претседател повторил дека Вашингтон нема да дозволи Иран да дојде до нуклеарно оружје.

Во однос на војната во Украина, Трамп рекол дека веќе имал долг разговор со Путин и дека очекува двете страни да сакаат завршување на конфликтот.

Според наводите на „Ројтерс“, Трамп пред Си и Путин го критикувал и Меѓународниот кривичен суд (ICC), оценувајќи дека „излегол од контрола“. Оваа изјава добива дополнителна тежина со оглед на тоа што судот претходно издаде налог за апсење на рускиот претседател.

Кинескиот претседател Си Џинпинг, според извештајот на новинската агенција „Синхуа“, порачал дека мора да се направи сè за да се спречи нуклеарна војна, нагласувајќи дека нуклеарното оружје треба целосно да биде забрането и уништено.

Путин, од своја страна, укажал на заедничките интереси на трите земји во решавањето на меѓународните кризи, вклучително и војната во Украина.

Средбата во Шенжен предизвика споредби со историската конференција во Јалта од 1945 година, на која големите сили ги поставија темелите на повоениот светски поредок.

На прашањето на руски новинар дали оваа средба ќе биде „Јалта 2.0“, Путин не одговорил вербално, туку се насмеал и потврдно кимнал со главата.

Додека дел од руските националисти во ваквиот формат гледаат потврда за мултиполарниот свет и зајакнување на позицијата на Москва, во Киев расте загриженоста.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред средбата предупреди дека не сака разговорите да се претворат во нова поделба на сферите на влијание на штета на помалите држави.

Пред трилатералната средба со Путин, Трамп и Си Џинпинг одржале и билатерален разговор.

Според „Синхуа“, кинескиот претседател ги оценил односите меѓу Пекинг и Вашингтон како стабилни и насочени во позитивна насока, но истовремено го предупредил Трамп во врска со Тајван.

Си го повикал американскиот претседател да постапува правилно за да се избегнат сериозни нарушувања во меѓусебните односи.

Според истиот извор, Трамп повторил дека САД не ја поддржуваат независноста на Тајван.

Двајцата лидери разговарале и за трговските односи, согласувајќи се дека треба да се работи на постигнување заемна корист.

На маса била и соработката во областа на вештачката интелигенција. Си нагласил дека оваа технологија во секој момент мора да остане под човечка контрола.

Било договорено и изготвување акциски план за понатамошен развој на односите меѓу двете земји, заснован на стратешка стабилност и заемност.

ИЗДВОЕНИ