четврток, ноември 19, 2026
Дома СВЕТ Маск жали што ги финансирал Републиканците: Да можев да го вратам времето,...

Маск жали што ги финансирал Републиканците: Да можев да го вратам времето, ќе потрошев помалку пари

0
EPA/SHAWN THEW

Најбогатиот човек во светот, Илон Маск, во средата изјави дека се чувствува прилично глупаво што потрошил речиси половина милијарда долари за финансирање на кампањите на републиканските кандидати, при што демократите остварија убедлива победа на изборите од средината на мандатот, одржани на почетокот на ноември.

„Се чувствувам прилично глупаво што потрошив толку многу пари, а добив толку малку. Но, можеби без тоа ќе беше многу полошо“, рече Илон Маск за време на виртуелното учество на конференцијата „DealBook“ на „Њујорк тајмс“.

Основачот на „SpaceX“ и „Tesla“ издвои повеќе од 440 милиони долари за поддршка на републиканските кандидати, а повеќето од нив ги загубија изборите, на кои демократите ја презедоа контролата врз двата дома на американскиот Конгрес.

„Да можев да го вратам времето, ќе потрошев помалку пари“, изјави најбогатиот човек во историјата, говорејќи од Кина, каде што, во придружба на американскиот претседател Доналд Трамп, учествува на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC).

„Тоа секако покажува дека американските избори не се само прашање на пари“, тврди Маск.

Меѓу другото, тој донираше повеќе од 220 милиони долари за поранешниот јавен обвинител на Тексас, Кен Пакстон, републиканец кој ја загуби трката за Сенатот на сојузната држава од 37-годишниот демократ Џејмс Таларико.

Тексас е седиште на неколку компании на Маск, вклучувајќи ги „SpaceX“ и „Tesla“, а таму тој гради или веќе изградил огромни производни капацитети, пишува агенцијата „Франс прес“.

На прашањето за време на конференцијата дали е загрижен поради доаѓањето на демократската гувернерка на Тексас, Џина Хинохоса – која во јануари треба да го наследи републиканецот Грег Абот – Маск изрази мислење дека таа ќе биде прилично умерена.

„Не мислам дека таа е гувернерка од крајната левица, а според сè што слушнав за неа, верувам дека работите во Тексас ќе се одвиваат добро со Џина како гувернерка“, рече тој.

На истиот настан, Маск изјави дека не припаѓа на „MAGA“ – неформалното политичко движење на Трамп, именувано според неговиот слоган „Направете ја Америка повторно голема“ („Make America Great Again“) – пренесува Би-Би-Си. „Не сум сигурен што значи MAGA. Ако тоа подразбира слепо придржување кон политиките на Републиканската партија, тогаш тоа секако не сум јас“, заклучи тој.

ИЗДВОЕНИ