Реконструкцијата на подната фонтана на плоштадот „Македонија“ се одвива со засилена динамика на ЈП „Водовод и канализација“.
Од Град Скопје информираат дека станува збор за комплексен систем што вклучува специјализирана опрема произведена во Германија, како и автоматизација што бара детален сервис и повторно усогласување.
– Покрај сервисирањето на опремата, се врши и суштинско конструктивно унапредување на фонтаната. Постојната носечка потконструкција, која беше изработена од пластични носачи што ги поддржуваа бетонските плочи со тежина од околу 100 килограми од елемент, се заменува со нова конструкција изработена од иноксни профили, проектирани за значително поголеми механички оптоварувања. Со ова трајно ќе се зголеми стабилноста на системот и ќе се намали ризикот од оштетувања какви што се случуваа во минатото при навлегувањето возила на површината од фонтаната – објаснуваат градските власти.
Притоа, додаваат дека новата конструкција е изработена во специјализирана работилница и оти е во тек нејзината монтажа. Потоа ќе се преземат другите чекори.

– Нашата цел не е фонтаната само привремено да се стави во функција туку реконструкцијата да се изведе темелно, со квалитетно и долгорочно решение, кое ќе обезбеди сигурно и безбедно функционирање – потенцираат од Град Скопје.
Оттаму не прецизираат кога ќе може скопјани да очекуваат подната фонтана да биде ставена во функција.
– Поради сложеноста на самиот зафат, процесот бара повеќе време, но се прават напори тоа да биде во најкраток можен рок – децидни се од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека сите фонтани во градот, „Воин на коњ“, „Филип II“, „Прометеј“, двете фонтани кај Министерството за транспорт, кај Министерството за социјална политика, демографија и млади, се во функција.
Освен на подната фонтана, на Градскиот плоштад се работи и на просторот кај тревникот каде што е спомен-плочата на „Мајка Тереза“.
Од Град Скопје велат дека тој простор хортикултурно се уредува, а, исто така, се санира и плочникот кај Триумфалната порта.
– Градот Скопје му останува посветен на постепеното системско и квалитетно уредување на овој дел од градот, со цел центарот на Скопје повторно да добие изглед каков што заслужуваат граѓаните, туристите и главниот град – потенцираат градските власти.
(А. П.) Фото: (П.С.)












