Од почетокот на годинава заклучно со јуни, од наплата на патарини во државата се инкасирани рекордни 1.919.775.277 денари, односно повеќе од 31 милион евра. Во споредба со истиот период минатата година, приходите се зголемени за 21.891.532 денари, информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Најфреквентна наплатна станица е Тетово, по што следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија.
Сепак, според остварените приходи и цената на билетите, најголем промет е регистриран на наплатната станица Романовце. По неа следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица и Демир Капија.
Од ЈПДП велат дека во периоди на зголемен сообраќај, особено во летната сезона, се подготвува посебен акционен план за наплатните станици.
„На секоја наплатна станица на двата коридори се пуштаат во функција сите расположливи ленти, а подеднакво се дава приоритет и на електронската наплата на патарина“, посочуваат од претпријатието.
Во моментов, учеството на електронската наплата во вкупниот промет е 36 проценти на 11 наплатни станици каде што е воведен овој систем.
Од ЈПДП додаваат дека продажбата и надополнувањето на електронските уреди бележат раст, особено откако М-тАГ уредите се достапни и во продажните салони на мобилните оператори. Според податоците на претпријатието, електронската наплата е зголемена за шест проценти.
Од мај годинава, М-тАГ уредите може да се купат и во продажната мрежа на „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“. Претходно тие беа достапни само преку ЈПДП и на наплатната станица Петровец.
Од раководството на ЈПДП неодамна информираа и дека се разгледува можноста за воведување модел на наплата сличен на оној во Србија – затворен систем во кој патарината би се плаќала во зависност од изминатите километри. За таа цел, како што беше посочено, веќе се работи на студија за воведување ваков систем на Коридорот 8.
Инаку, минатата година, заклучно со 23 декември, од наплата на патарини бил остварен промет од 4.158.914.362 денари, односно околу 67,6 милиони евра.












