Според градоначалникот на Општина Сарај, Мухамет Елмази, со ваквата одлука се очекува езерото Треска да ѝ биде вратено во целост на Општина Сарај и да добие нова развојна перспектива, во интерес на граѓаните. Но, експертите прашуваат која е поентата да ѝ се даде ваков комплекс, кој е граден со самопридонес на скопјани, на локалната власт. Туризмологот Гордана Јанакиевска вели за весникот ВЕЧЕР дека оваа одлука на Владата е сосема погрешна, дека е чисто политичка и дека нема никаква врска со развојна зона, ниту со можноста да биде искористен туристички ниту, пак, поединечно да се помине еден убав ден. Универзитетскиот професор Љупчо Јаневски, пак, вели дека СРЦ им припаѓа на сите скопјани и смета дека треба да се вратат содржините што некогаш беа на самото езеро, да се создадат модерен автокамп, спортски рекреативни објекти, но и угостителски, со кои ќе се овозможи сите туристи да уживаат во убавото езеро, во реката Треска и Матка

 

Заживувањето на спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ повторно ќе ѝ биде предадено на Општина Сарај, откако Владата на последната седница ја поништи одлуката за основање туристичка развојна зона „Сарај – Езеро Треска“.

Според градоначалникот на Општина Сарај, Мухамет Елмази, со ваквата одлука се очекува езерото Треска да ѝ биде вратено во целост на Општина Сарај.

– Со поништувањето на оваа одлука, се отстранува пречката што го држеше ова прашање блокирано со години, отворајќи го патот за целосно враќање на сопственоста на езерото Треска на Општина Сарај. Ова е исклучително важен чекор за Сарај, бидејќи, конечно, им се враќа подрачје со голем развоен и туристички потенцијал на Општината и на нејзините граѓани. По години чекање и административни пречки, се создаваат услови езерото Треска да добие нова развојна перспектива, во интерес на граѓаните. Се решава уште едно важно прашање, кое остана нерешено со години – напиша Елмази.

Во изјава за весникот ВЕЧЕР, тој објасни дека цела година имале средби со Министерството за култура и туризам и со Владата за да изнајдат начин како да се развие овој дел од Скопје.

– Досега постоеја пречки. Туристичката развојна зона „Сарај – Езеро Треска“ беше во надлежност на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која сега е во склоп на Министерството за култура и туризам, а имаше заинтересирани инвеститори од сите страни. Почнаа да излегуваат на виделина законските недостатоци. Затоа единствен начин да се развие тој дел од градот беше да се поништи одлуката на Владата од 2023 година и да ѝ се врати овој спортско-рекреативен комплекс на Општина Сарај – истакна Елмази.

Тој најави дека за почеток езерото ќе се ревитализира, што, според студиите со кои располагаат, ќе чини 20 милиони евра.

– Ревитализацијата предвидува поставување пречистителни пумпи на влезот, каде што се полни езерото со вода и на излезот, за да биде водата со квалитет од прва категорија. Почнуваме од нула, со очекување, во мојот мандат, активностите за заживување на овој комплекс да тргнат од мртвата точка – нагласи Елмази.

Професорот на Универзитетот „Скопје“, Љупчо Јаневски и поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, вели дека езерото Треска е правено со самопридонес на граѓаните и дека тоа им припаѓа на сите граѓани на Скопје.

– Потребата да го управува Град Скопје, како и да создаде јавно-приватно партнерство за туристичко-спортската зона, Сарај е од исклучителна важност за градот и за државата. Генерално, ние немаме потреба да измислуваме нови работи, туку да се вратиме  назад, да ги видиме содржините што беа на самото езеро, да создадеме модерен автокамп, спортски рекреативни објекти, но и угостителски, со кои ќе овозможиме сите туристи да уживаат во убавото езеро, во реката Треска и Матка. Тоа ќе значи дополнителен број ноќевања, директни и индиректни финансиски средства во локалниот економски развој, нови работни места и заживување на тој дел од Скопје – заклучи Јаневски.

За Гордана Јанакиевска, туризмолог, оваа одлука на Владата е сосема погрешна, чисто политичка и нема никаква врска со развојна зона, ниту со можноста да биде искористен туристички ниту, пак, поединечно да се помине еден убав ден.

– Јас сум многу гневна од односот кон тој предел и како се стопанисува со него. Како да го губиме. Никому не му е грижа тој да заживее туристички – децидна е Јанакиевска.

Таа вели дека овој комплекс е претворен во одвратно место.

-Тоа е изгубен предел. Ние, повозрасните, знаеме како изгледаше. Местото може да стане прекрасно, да биде полно, да се случуваат настани, а не да пропаѓа. Никому не му е во интерес Скопје да биде град. Не можам да сфатам дека немаме ние видување за Скопје. Која е поентата што ќе  дадат вакво место на Сарај? – нагласува Јанакиевска.

Целиот спортско-рекреативен комплекс е изграден во 1978 година, со самопридонес на жителите на Скопје.

Поради загаденоста на водата, езерото е затворено како капачки објект од 1998 година. Стопанисувањето со него се префрлаше од Град Скопје на Општина Сарај, па на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, за сега повторно Општина Сарај да ја има надлежноста да управува со него.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ