Екоактивистите од Југоистокот повторно излегоа на блокади на Кожув, барајќи стопирање на изградбата на малите хидроцентрали „Баров Дол“ и „Папрад“ на Дошница. Тие предупредуваат дека зафаќањето на водата и изградбата на инфраструктурата може да го нарушат речниот екосистем и богатата биолошка разновидност на планината. Блокадите, кои се најавени до крајот на годината, ќе продолжат сè додека не се преиспитаат и одземат концесиите. Од надлежните институции, пак, велат дека проектите ги исполнуваат законските услови и дека концесиите се законски доделени

Со нови блокади на планината Кожув, екоактивисти од повеќе градови од Југоисточниот Регион ќе ја попречуваат изградбата на малите хидроцентрали „Баров Дол“ и „Папрад“ на реката Дошница. Таа извира во планинскиот предел на Кожув и тече низ релативно дива и шумовита долина.
– Подрачјето околу Дошница е познато по богатата природа и водниот екосистем. Реката е притока на Вардар. Токму затоа, промената на природниот тек на Дошница, изградбата на објекти во или покрај нејзиното корито и намалувањето на количеството вода можат да имаат последици што не се ограничуваат само на самата река, туку на целиот екосистем на Кожув – посочуваат од пошироката мрежа на граѓански и еколошки организации од Југоисточниот Регион.
Тие објавија и апел до граѓаните да им се придружат на планинскиот пат кај Смрдлива вода, кој и минатата година беше блокиран речиси три месеци. Најавија дека блокадите ќе траат до крајот на годината, за што е веќе испратено известување и до Министерството за внатрешни работи.
Блокадите започнаа кога до екоактивистите стигна информацијата дека дозволите за изградба на мали хидроцентрали на Дошница се издадени. Екоактивистите кои „стражарат“ секојдневно на Кожув, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека се подготвени да ја спречат механизацијата доколку се започне со градба.
– По извршениот вонреден инспекциски надзор во јули 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина издаде Решение за запирање на активностите за изградба на мали хидроцентрали. Работите се сменија кога во јануари 2026 година, на 43. седница на Владата, е симната првата точка (за Методологија за одземање на концесии за МХЕ) и наместо да се постапи по решението од државниот инспекторат, на истата седница, во 22. точка, Владата го овласти министерот за животна средина, да ги продолжи сите концесии за малите хидроцентрали кои не ги завршиле работите за изградба (по своја вина) – изјави Ристо Камов од Здружението „Спас за нас“ од Гевгелија.
Во меѓувреме е оформена комисија во состав на Министерството за животна средина, која на нетранспарентен начин донела одлуки со кои им се дозволува продолжување на концесиите на концесиониери со што имаат направено груби повреди по Законите за Води, за Шумарство, за Градба и за Животна средина, како што е и случајот со двете хидроцентрали Папрад и Баров Дол на река Дошница.
– Владата и надлежното министерство се оглушија на повиците од невладиниот сектор за прекин на концесиите на Дошница. Затоа, од иницијативата „Спас за Дошница“ и за Кожув планина, повторно се активирани активисти кои „стражарат“ на повеќе пунктови на планината Кожув во очекување на доаѓањето на механизација која би била употребена за изградба на двете мали хидроелектрани. Протестите ќе траат до одземањето на концесиите – вели Камов.
Екологистите што протестираат се на став дека малите хидроцентрали ја уништуваат природата, ги пресушуваат реките и го истребуваат живиот свет, а немаат речиси никаква економска бенефиција.
– По осумдесет дена блокади и јасен став дека тука никој не сака мали хидроцентрали, има обиди една од најчистите реки во Македонија да се претвори во пустина. Главното прашање е зошто Кожув сè уште не е прогласен за национален парк. Дали бидејќи Владата и неколку поединци решиле да ја продадат природата која не е нивна за сметка на животот на сите други луѓе? – велат од иницијативата Зелена народна стража.
Главните причини поради кои се почнати блокадите на планината Кожув, според еколошките активисти, се што, кај ваквите мали хидроцентрали, дел од водата се зафаќа и се насочува низ цевковод до турбината, со што во одредени делови од коритото би останувало значително помало количество вода, а и дека постои опасност како за рибите и за другите водни организми, така и за ретките видови инсекти.
Аргументот на активистите не е само „да се спаси една река“. Тие сметаат дека Дошница е дел од поширок планински екосистем и дека нарушувањето на реката, шумата и на околниот простор може да влијае врз природниот и туристичкиот потенцијал на Кожув.
– Стоиме цврсто и овој пат. Пред речиси три години, заеднички ја потпишавме иницијативата на граѓански здруженија, 13 академици, како и градоначалниците на Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија – за започнување изработка на стручни студии за Дошница. Го оспоруваме начинот на кој е проценето влијанието врз природата во изминатиот период и бараме да се ажурираат елаборатите затоа што, во меѓувреме, се добиени нови податоци за биолошката разновидност на Дошница. Веќе видовме што се случи со Конска Река кога природата беше ставена во раце на истиот„сопственик“ кој ја опустоши. Нема да дозволиме тоа да се случи со Дошница – децидна е Марина Томова, активист на Здружението „Чејнџмејкерс“.
Кожув е живеалиште на ретки и ендемични видови, меѓу кои алшарската темјанушка, арсеновата темјанушка, алшарската матерка, кавадаречкиот различник и други видови со ограничено распространување и висока научна вредност. Подрачјето е дел од Емералд мрежата согласно со Бернската конвенција и е значајно за птици, растенија, пеперутки и за автохтоната пчела. Томова смета дека штетата врз природниот речен екосистем би била многу поголема од количеството електрична енергија што би се добило од овие мали хидроцентрали.
Владините институции, пак, имаат сосема спротивни ставови. Тие истакнуваат дека концесијата е законски доделена, дека постапката за двете централи била спроведена врз основа на владината одлука од 2019 година и дека концесионерот ги добил потребните согласности од надлежните институции, вклучително и од Општина Кавадарци. Затоа, Министерството за животна средина смета дека постојната документација е доволна за спроведување на проектот.
Како ќе се развиваат работите околу реката Дошница ќе се види во следниот период, особено што во меѓувреме е повторно актуализиран предлогот Кожув да се прогласи за национален парк. Имено, на форумот „Дијалог за иднината на Кожув“, одржан во јуни оваа година во Гевгелија, беше истакнато дека треба да се направат теренски истражувања на биодиверзитетот, пределот и социо-економските карактеристики, за да се утврди најсоодветниот степен на заштита. Иницијативата ја поддржаа и градоначалниците на Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, повеќе еколошки и планинарски здруженија и професори од Природно-математичкиот факултет.
(Љ. А.)












