Инспекторите на Општина Кисела Вода детално ги презентираа четирите тематски единици од годишната програма на проектот „Безбедно домување“, од кои секоја ќе се реализира како засебна информативно-едукативна кампања во претстојниов период.
Кампањата„ Безбеден топол дом“ почнува веднаш во декември и е фокусирана на одржувањето на фасадите за поголема енергетска ефикасност, како и на безбедносните мерки при користењето новогодишни декорации и инсталации, потоа „Заедничка грижа за заедничкото“, посветена на одржувањето на заедничките простории (ходници, скали, покриви, подруми), „Домување без пожари“, насочена кон проодноста на евакуациските патишта и задолжителното редовно сервисирање на противпожарните апарати и на хидрантите, како и „Безбеден лифт“ – посветена на законската обврска за редовни месечни сервиси и годишни технички прегледи, како и правилно ракување со лифтовите.
Во наредниот период, преку секоја од овие четири кампањи, општинските служби ќе бидат директно на терен меѓу станарите, со цел законските правила да станат лесно применлива практика за секое домаќинство.
Презентацијата на годишната програма на проектот „Безбедно домување“ се одржа пред голем број граѓани, претседатели на куќни совети и управители на станбени згради.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, истакна дека целта на оваа програма е системска едукација на сопствениците на становите за нивните законски права, механизмите на управување и за одговорностите, со цел подигнување на културата на живеење и безбедноста во колективното домување.
– Пред само неколку недели, го почнавме проектот „Безбедно домување“ со една суштинска цел: да воспоставиме жива, директна и ефикасна комуникација меѓу вас и општинските служби. Практиката во изминатиов период покажа дека многу често проблемите во зградите не се резултат на негрижа, туку на непознавање: каде завршува надлежноста на општината, кои се обврските на управителот, а колкави се, всушност, моќта и одговорноста на самите сопственици. Затоа ја поставуваме улогата на нашите инспектори на едно ново, партнерско ниво. Тие се тука да едуцираат, да ги разјаснат законските механизми и да покажат како најбрзо и најисправно да се постапи во секоја ситуација. Токму на тие темели ја изградивме годишната програма на „Безбедно домување“ – изјави Стаменкоска-Трајкоска.
(А. П.)












