Градскиот парк, на познатата локација „Школка“, од утре повторно станува место на добра енергија, врвно македонско вино, богата гастрономија и квалитетна музика.
Со почеток во 18:00 часот, започнува јубилејното 15. издание на фестивалот на виното „Виноскоп 2026“, кој годинава ќе трае пет дена, сè до недела, 17 мај 2026 година, под покровителство на Град Скопје.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни видови вина од бројни македонски винарници и производители на квалитетно македонско вино, претставени на фестивалските штандови.
Покрај винската понуда, „Виноскоп 2026“ ќе понуди и богата гастрономска содржина, како и разновидна музичко-забавна програма со домашни изведувачи, бендови и диџеи.
Програмата започнува во 18:00 часот в среда и четврток, во 17:00 часот в петок, а в сабота и недела – од 12:00 часот.
Од Град Скопје информираат дека годинава фестивалот ќе понуди и тематски музички вечери, како и дневна програма под концептот „Блуз и вино“, создадена за сите љубители на добриот звук, убавата дружба и автентичниот вкус.
– Преку „Виноскоп“, Град Скопје продолжува да ги поддржува и промовира македонските производители на вино, богатата винска традиција и потенцијалот на нашето поднебје за развој на квалитетен вински туризам – потенцираат градските власти.
Притоа, упатуваат покана до граѓаните да бидат дел од „Виноскоп 2026“ – пет дена исполнети со вино, музика, гастрономија и со незаборавна дружба во срцето на Скопје.












