Дваесет и петтото издание на „Оффест“, фестивалот на музиката од светот, стартуваше вечерва во НОБ со фронтменот на инструменталното трио „Гитарски разговори“ (Guitari Baro).
Овој ансамбл обединува тројца врвни гриот музичари од Гвинеја и Мали: гитаристите Гаусоу Кујате и Керфала Диабате, кои за жал не дојдоа во Скопје, а пред публиката настапи само виртуозот на балафон Ласана Диабате.
Како што истакна Диабате, за првпат настапува соло, но и покрај околностите, со нежните звуци на својот балафон публиката ја однесе на едно смирено и тивко речиси хипнотичко патување за што доби силен аплауз од присутните во салата.

Следуваше домородната група БЦУЦ (BCUC – Bantu Continua Uhuru Consciousness) која потекнува од Совето во Јужна Африка, веќе позната на оффестовската публика.
Со нумерите во кои доминираат моќните вокали и бас тапани веднаш ја размрдаа публиката која тактираше и играше во заразниот ритам на БЦУЦ.
Тие, на јубилејното издание, се враќаат по две години, овој пат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“. Познати се по уникатната мешавина од психоделични грувови, високоенергетски ритми комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија, а по 23-години постоење, продолжуваат да настапуваат со истиот бунтовнички, активистички дух со кој и започнале.

– Сакав лично на јубилејното издание да вратам една група што одржала еден од најдобрите концерти на фестивалот, и изборот падна на БЦУЦ, а за тоа има и непосреден повод бидејќи неодамна излезе нивниот нов албум, рече директорот на „Скопскиот џез-фестивал“, Оливер Белопета, организатор и на „Оффест“.

„Оффест“ ќе трае до 6 јуни во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар во Скопје, a ќе донесе осум концерти и проекција на музичкиот документарец „Елис и Том“. Фестивалот има фокус на Африка, односно ќе настапат музичари и пејачи од дури 11 африкански земји.

-Фокусот на Африка значи дека имаме групи од најголем број нејзини делови, од западна Африка (од Бенин, Мали), од централна Африка (Конго), од jужна Африка, а има и од источна Африка. Значи од различни географски одредници на Африка кои меѓу себе се разликуваат по многу нешта и, секако, по самата музика. Овој пат ќе го имаме богатството на африканската музика и тоа во една поголема целина, истакна претходно Белопета.
(Н.И.Т.)












