Руското Министерство за надворешни работи повторно упати повик до странските амбасади да се евакуираат од Киев. Овој повик следува по рускиот напад врз патнички воз во близина на полската граница – на железничка линија по која кратко претходно патувале европски дипломати – пренесува „Москоу тајмс“ (The Moscow Times).
Портпаролката на Министерството, Марија Захарова, изјави дека предупредувањето, првично издадено пролетта, останува на сила. Според неа, ова важи и покрај повремените дипломатски барања за обезбедување безбеден влез во Украина за западните „политички туристи“.
Коментирајќи го нападот врз патничкиот воз, кој се случи на околу два километри од полската граница, Захарова рече: „Западните политичари и дипломати треба трезвено да ги проценат постоечките ризици“.
Само неколку минути пред да помине нападнатиот воз, по истата линија патувал друг воз во кој се наоѓале поранешниот британски премиер Борис Џонсон и поранешниот шведски премиер Карл Билт.
Таа изјави дека украинските железнички станици и транспортната инфраструктура се легитимни цели доколку се користат за воени цели и го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ги користи западните политичари како „жив штит“. Руското Министерство за одбрана исто така соопшти дека нападите извршени во неделата биле насочени кон инфраструктура што се користи за транспорт на воен товар од Европа кон Украина.
Украина користи неколку гранични премини со Полска за прием на значителен дел од воената и хуманитарната помош испратена од нејзините западни сојузници.












